Од вчера, официјално започна со работа, новата урбана заедница која го носи името на бранителот на татковината „Благојче Силјановски – Џуџето“, кој животот го загуби во конфликотот во 2001 година. Иницијативата за формирање на новата урбана заедница, произлезе од жителите на урбаната заедница Панде Кајзеро, а истата беше усвоена од Советот на општина Битола, на седницата одржана на 30 мај минатата година. Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој овозможи општинска поддршка за опремување и ставање во функција на објектот, на синоќешното отворање, посака успешна работа, со многу резултати кои ќе придонесат кон заложбата: Битола да биде поубаво место за живеење:
„Од денес, овој дел на градот добива еден нов простор, кој верувам ќе овозможи подобра функционалност и поголема успешност на урбаната заедница, преку заедничка работа, соработка и меѓусебна поддршка.
Вашата иницијатива за уредување на овој простор кој ќе го носи името на нашиот херој Благојче Силјановски, веднаш беше прифатена од локалната самоуправа, која направи се за да може да се создадат просторни и административни услови, во кои ќе може да се делува согласно потребите на граѓаните од овој дел на Битола.
Со формирањето на новата урбана заедница, која произлегува од урбаната заедница Панде Кајзеро која навистина е пример за посветеност, работа и организираност продолжуваме да работиме уште поуспешно од досега, истовремено исполнувајќи ја нашата должност кон оние кои херојски загинаа за нашата Македонија, сакајќи да ја сочуваат слободата, во која ќе учат и работат новите генерации.
Посакувам успешна работа на урбаната заедница „Благојче Силјановски“, достојно да го сочуваме споменот и да создаваме убави дела за нашиот град и нашата држава“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање пред присутните жители од оваа урбана заедница.
Во рамките на отворањето, се разговараше и за проектите кои се неопходни за овој дел на Битола, а за кои, претседателката на урбаната заедница Бранка Стојановска, заедно со граѓаните, веќе работат на обезбедување можности за реализација.