ЗАПОЧНАА АДАПТАЦИИТЕ НА ДЕЛ ОД ДОМОТ ЗА ДОЕНЧИЊА ВО ДЕТСКА ГРАДИНКА И НА КРУЖНИОТ ТЕК КАЈ ВЕТЕРИНАРНАТА СТАНИЦА

ЗАПОЧНАА АДАПТАЦИИТЕ НА ДЕЛ ОД ДОМОТ ЗА ДОЕНЧИЊА ВО ДЕТСКА ГРАДИНКА И НА КРУЖНИОТ ТЕК КАЈ ВЕТЕРИНАРНАТА СТАНИЦА

На површина од 460 метри квадратни, започнаа активностите за адаптација и реконструкција на дел од поранешниот Дом за доенчиња и мали деца, кој ќе биде наменет за детска градинка.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, изврши увид во почетните градежни активности, каде во наредните 10 месеци треба да се изврши оспособување на дел од објектот во детска градинка, во која ќе бидат згрижени 70 деца.

Во август 2022 година, градоначалникот Коњановски и министерката за труд и социјална политика Тренчевска, потпишаа договор за финансиска поддршка, а од вкупно  10.273.344 денари, општината Битола финансира 30 %. По изработката на архитектонски проект и избор на изведувач од страна на МТСП, следува реконструкција на водовод и канализација, со соодветни технички и електрични адаптации, партерно уредување на дворот, пристапни патеки и нов пристап до самата градинка.

Паралелно, започнаа работните активности на улица „Прилепска“ со улица „Баталјон Стив Наумов“ (место викано кај Ветеринарната станица).

При увидот на терен, градоначалникот Тони Коњановски беше информиран за текот на активностите во овој дел од градот, за кој се предвидени средства во износ од 11.790.640 денари, во кои е вклучена канализациона мрежа, коловоз и улично осветлување.

Со промената на режимот на сообраќај на овој потег од крстосница со сигнализација во крстосница со кружен тек, ќе се зголеми и безбедноста на возачите и сите учесници во сообраќајот. Ќе има и соодветно хортикултурно уредување со зеленило, а ќе се постави и споменикот на Александар Турунџев, со што ќе се задржи и симболиката на историското минато на овој дел од градот Битола.