ЕКОНОМИЈАТА И КУЛТУРАТА ОБЛАСТИ ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА ПОМЕЃУ БИТОЛА И ЦРНА ГОРА

ЕКОНОМИЈАТА И КУЛТУРАТА ОБЛАСТИ ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА ПОМЕЃУ БИТОЛА И ЦРНА ГОРА

Градоначалникот на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, денеска, имаше официјална средба со Предраг Митровиќ, амбасадор на Република Црна Гора во Република Македонија. На средбата, беше констатирано дека добрите односи меѓу двете земји постојано се унапредуваат, а со тоа се отвора и можност за поголема соработка на Општина Битола со повеќе градови од Црна Гора.
„Станува збор за две држави кои и во минатиот период и сега имаат длабоко и широко поле на соработка, но она што е најзначајно се можностите за културната соработка и за развојот на туризмот помеѓу двете земји, затоа што навистина имаме многу граѓани на Република Македонија, кои што имаат спомени за убаво поминати денови и на Црногорското крајбрежје, меѓутоа факт е дека и на многумина од Црна Гора еден од најпривлечните градови им бил токму градот Битола. Зборувавме за тоа што значат инфраструктурните врски, патиштата, како и можностите и потребите за лобирање за тие врски да се подобрат, особено во нашата држава, затоа што знаеме дека југозападниот дел ни е запоставен од тој аспект, како и кои се формите за популаризирање на сето ова за што зборувам, со цел давање на една поинаква динамика“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, нагласувајќи дека, првиот предизвик во соработката со Црна Гора е Битолското културно лето, каде што е отворена можноста Црна Гора да се претстави со свои културни настани и да предизвика интерес кај битолчани, а потоа и Битола да има можност за возвратен настап во Црна Гора.
Согледувајќи ги заклучоците од денешниот состанок, Амбасадорот Митровиќ, нагласи дека очекува продолжување и зајакнување на соработката, со посебен акцент на развојот на културата, туризмот и економијата.
„Денес имавме навистина интересен состанок. Сакам да нагласам дека Црна Гора и Македонија немаат ниту едно отворено политичко прашање, што е добра платформа за сите останати активности кои ќе дојдат на дневен ред. Она од што сме пријатно изненадени е вашата желба и агилноста на Вашиот тим со што покажувате дека сакате соработка, што зборува дека таа соработка ќе ја издигнеме на многу повисоко ниво од досега. Пред се, таа соработка се однесува на културните активности и економијата и верувам дека наскоро со Вашиот тим ќе бидете гости во Црна Гора“, изјави Предраг Митровиќ, Aмбасадор на Црна Гора во Република Македонија.
За време на посетата на Битола, Амбасадорот Митровиќ, беше придружуван од почесните конзули на Црна Гора, Миодраг Андријашевиќ и Бранко Азевски.