ДУХОВНА АКАДЕМИЈА ВО ЧЕСТ И СЛАВА НА СВЕТИ НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ

ДУХОВНА АКАДЕМИЈА ВО ЧЕСТ И СЛАВА НА СВЕТИ НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ

AkademijaNektarij12_2015-3 AkademijaNektarij12_2015-2 AkademijaNektarij12_2015-1

„Да се има добар, искрен и честит пријател е благослов и утеха за душата, но да се има за пријател добар, искрен, честит, но и свет човек, кој е близок и свој на Бога, е спасителна небесна роса за нашите души, благослов, утеха и радост за нас и за сите наши ближни“.

Со овие зборови беше означен почетокот на духовната академија во чест и слава на „Свети Нектариј Битолски“, светецот и заштитник на Битола, која што се одржа во Народниот театар во Битола.
„Денес кога го славиме нашиот сограѓанин светиот Нектариј битолски, кој по милоста Божја стана и сограѓанин на Небесниот Ерусалим, да го помолиме Нашиот Бог во Троица, да ја прими оваа наша скромна пофална лепта, како Негова од Неговите и Божјиот нектар, преку нашиот Нектариј, да ги допре срцата на сите битолчани за да се заборавиме и ние себе си, исто како што и свети Нектариј се заборави себе си заради сите нас“, беше порачано на академијата.
Денот на заштитникот на градот, на сите граѓани на општина Битола им го честитаа Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески и Митрополитот Преспанско – пелагониски г.Петар.
„Нема поголема радост од тоа некој да не закрилува, некој постојано за нас недостојните да се моли…Битола ја имала таа чест токму Преподобниот наш Нектариј да и биде заштитник и молитвеник пред престолот на Севишниот. Светиот Нектариј беше човек од овој свет, роден и воспитан во Битола, но уште од мали нозе го всели Бога во своето срце, во својот ум, во својата душа и постојано за него се молеше и копнееше, токму затоа беше удостоен да се просветли и да се обожи. Рече Митрополитот преспанско пелагониски г. Петар кој порача Битола да не заборава да одаде достојна почит на својот заштитник.
Одбележувањето на Свети Нектариј Битолски како заштитник на градот започна во 2008 година со одлука на советот на општината.
„Сите ние треба достоинствено да го чествуваме овој светец, затоа што неговото значење е големо за сите нас“, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, кој на митрополитот г.Петар му подари икона изработена на Света Гора во истата ќелија каде што некогаш бил Свети Нектариј.
За животот и делото на свети Нектариј, за радоста и љубовта небесна што ја носел, присутните имаа можност да се запознаат преку документарниот филм „Заштитник“, сниман и во Битола, но и во Света Гора, градината на Мајката Божја Богородица, каде нашиот Св.Нектариј ја извојувал најважната победа за секој човек, а тоа е победата над смртта. Програмата беше збогатена и со песни во изведба на хоровите при храмот Пресвета Богородица: „Св. Нектариј Битолски“ и „Св.Макрина“.
Денес, во Црквата Свети Великомаченик Димитриј во тек е света божествена литургија, а литијата низ битолските улици ќе започне во 10.30 часот.