ДОНАЦИЈА ОД НАЈСОВРЕМЕНА ЗАШТИТНА ОПРЕМА ЗА КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО БИТОЛА

ДОНАЦИЈА ОД НАЈСОВРЕМЕНА ЗАШТИТНА ОПРЕМА ЗА КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО БИТОЛА

Здравствениот персонал од Клиничката болница во Битола, кој што работи во КОВИД зоната, од денес има можност да користи заштитна опрема изработена по најсовремена технологија и високи стандарди. Висококвалитетната заштитна опрема, персоналот може да ја користи вкупно 850 работни денови и истата претставува големо олеснување за овие лица кои секојдневно мора да работат со комплетна заштита. Донацијата доаѓа благодарение на веќе воспоставените пријателски врски со Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола и Амбасадата на Република Бугарија во нашата држава:

„Свесни сме сите дека се соочивме со еден голем предизвик и како човештво воопшто и токму заради тоа сите заедно здружено, можеме да се избориме и да излезиме од оваа глобална криза. Сакам да упатам голема благодарност и до Амбасадата на Република Бугарија, меѓутоа и до генералниот конзулат во нашиот град, за укажаната поддршка и за донацијата која што ни ја даваат и која е од исклучително значење, особено затоа што Клиничката болница во Битола, регионално делува и затоа што докторите кои што се на првата линија заслужуваат да бидат најзаштитени. Она што е посебно значајно да го нагласиме во оваа прилика е дека станува збор за скафандери кои што имаат повеќекратна употреба. Токму тоа го донесе новата технологија која расте, соочувајќи се со овој проблем, целото човештво заедно. Ме радува што токму наш сосед, ја има развиено технологијата за изработка на вакви скафандери од најсовремен карактер“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Генералниот конзул на Бугарија во Битола, Димитар Иванов, покажувајќи голема почит кон медицинските лица, посака нивниот пример на донирање да го следат и другите институции, а на овој начин да им се даде соодветна поддршка на медицинските лица:

„На иницијатива на амбасадата и генералниот конзулат, сите бугарски службеници во амбасадата и генералниот конзулат собравме пари, лични средства за купување на заштитна облека, скафандери за докторите од прва линија кои работат со пациенти со КОВИД. Облеката може да се користи по 50 пати. Тоа се 17 облеки, по 50 пати, што значи 850 работни денови за докторите на прва линија. Облеката е најмодерната заштита, која е направена специјално за КОВИД т.е опасноста за докторите е апсолутно минимализирана, при што вирусот не може да влезе во телото, а телото може да дише“, изјави амбасадорот на Република Бугарија, во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов.

Персоналот во КОВИД зоната во Клиничката болница, досега користеше заштитна опрема за еднократна употреба. Од денес, условите значајно се менуваат.

„Полека се подобруваат заштитните средства кои што се користат. Голема благодарност за овој нов вид и заштитен вид на скафандери, кои што многу ќе ни бидат добродојдени за работа во КОВИД зоната. Бидејќи сега доаѓа лето и ќе биде многу тешко да се работи во таа опрема, а оваа облека ќе биде од голема корист за тимовите кои што работат во таа КОВИД зона, затоа што Битола е регионален центар и прима пациенти од целиот регион за хоспитализација и третман во инфективното одделение“, изјави директорката Билјана Гагачовска.

Донацијата на заштитната опрема доаѓа после бугарската поддршка за реконструкција на кровната конструкција во СОТУ Ѓорѓи Наумов, а во иднина Општина Битола и бугарскиот конзулат интензивно продолжуваат со ваквата соработка.