ДОДЕЛЕНИ ПРИЗНАНИЈА И БЛАГОДАРНИЦИ ОД ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЖЕНИ

ДОДЕЛЕНИ ПРИЗНАНИЈА И БЛАГОДАРНИЦИ ОД ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЖЕНИ

За најпосветените жени кои со својата работа прават добри дела за општината, Организација на жени – Битола, по повод 8 март, додели благодарници и признанија на дваесетина жени кои делуваат во различни области на општественото живеење.

Признанијата беа доделени во рамки на настанот „Еден друг вид на учители“, организиран од страна на Организација на жени во соработка со Националната установа универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ од Битола.

Признанија насловени „COOL” битолчанки, за реализираните успеси во својата дејност, добија: наставничката Весела Богдановиќ, воспитувачката Тања Грегова, професорката Лидија Анастасовска од средното Економско училиште, мајката Пандора Попова, докторката Ненси Лозанче од Интервентната кардиологија во битолската Клиничка болница, медицинската сестра Мимоза Секуловска од Одделението за нуклеарна медицина, новинарката Жанета Здравковска, невладин активист Даница Петличкова и планинарката Илинка Ристевска.

За несебичната посветеност и континуираната ангажираност, признанија им беа доделени на градончалничката на Битола, м-р Наташа Петровска и градоначалничката на Могила, Јасмина Гулевска.

„Јас, а истото важи и за сите други градоначалнички, имаме товар повеќе затоа што нашата работа ако биде успешна ќе отвори врата за сите жени, ако не, ќе носиме белег и товар од кој нема плакнење“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска на вчерашниот настан.