ДЕЛАТА ЌЕ ГО ПОТВРДАТ РАБОТЕЊЕТО – РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ НА ДЕНЕШНОТО ЗАПОЧНУВАЊЕ НА ПРОЕКТОТ „СИТЕ ЗА ПОЧИСТА И ПОЗЕЛЕНА БИТОЛА“

ДЕЛАТА ЌЕ ГО ПОТВРДАТ РАБОТЕЊЕТО – РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ НА ДЕНЕШНОТО ЗАПОЧНУВАЊЕ НА ПРОЕКТОТ „СИТЕ ЗА ПОЧИСТА И ПОЗЕЛЕНА БИТОЛА“

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и директорот на ЈП Комуналец, Горан Степановски, заедно со дел од советниците од општинскиот совет, вработените во јавното претпријатие, директорите на јавните претпријатија и граѓаните, денес од Брусничка населба ја започнаа пролетната фаза од проектот „Сите за почита и позелена Битола“. Најголемата акција за зазеленување на Битола, продолжува со засадување на 2000 садници на влезот во Битола, Зоолошката градина, касарната, дел од училиштата и други локации, каде што ќе биде утврдена потреба на одредени садници, соодветни за избраниот простор.

Градоначалникот Коњановски, нагласи дека ова е само почеток на интензивните работни активности кои ќе се реализираат оваа и идната градежна сезона, а за кои во досегашниот период се работеше на изготвување на потребната документација и решавање на долгогодишните наталожени проблеми. Во следните две недели планирано е отпочнување на инфраструктурни активности на повеќе улици, меѓу кои: улици во Долно Оризари, улицата „Зборска“, како и партено уредување околу Офицерскиот дом. Од денес, започнуваат и постапките за избор на изведувач за изградба на надворешниот дел на прифатилиштето за бездомни животни, реконструкцијата на улицата „Стив Наумов“, како и за активностите планирани за улица „Крушевска република“. Во завршна фаза се подготовките и за отпочнување на реконструкција на улиците во селата Логоварди, Егри и Оптичари, а за оваа година предвидена е и улицата „16 та“, „Драгорска“, како и улицата кај Светонеделските гробишта.

„Започнуваме со првиот дел од големата акција „Сите за почиста и позелена Битола“. Ова е почеток на проектот кој ќе се одвива следните неколку месеци и е дел од активностите кои ги презема општина Битола во интерес на граѓаните: Градот да го направиме почист и поубаво место за живеење. Во изминатата година, додека се работеа проектите на терен, тековно изготвувавме проектна документација, така што сега веќе имаме изготвени проекти или со одредени сме во завршна фаза. Во следните десетина дена, започнуваме интензивно и во делот на патната мрежа, како и на други проекти. На шесте локации каде што се отстранети гаражите, ќе следува уредување. Потребно беше да се направи обемна документација, која бара и правни консултации, како и исполнување на законските обврски. Тоа што е најважно: Не сме тука за собирање на ситно политички поени и партиски интереси. Тука сме за граѓаните. За тоа сме избрани. Да го направиме најдоброто како што знаеме. Ги повикувам сите добронамерни и граѓани и политички партии и организации да се вклучат, сите заедно да излеземе од повеќегодишното сивило, а градот да го направиме поубаво место за живеење. Да ја оставиме политиката и да работиме. На крај: Делата ќе кажат“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Градоначалникот Коњановски, нагласи дека успешноста на реализираните активности, зависи токму од меѓусебната соработка, иницијатива и поддршка од сите вклучени во општественото делување, вклучувајќи ги и градоначалникот, советниците, политичките партии, бизнис секторот, невладиниот сектор, граѓаните.