ДВАНАЕСЕТТО ИЗДАНИЕ НА БИТ ФЕСТ

ДВАНАЕСЕТТО ИЗДАНИЕ НА БИТ ФЕСТ

Градоначалничката на Општина Битола и комисијата задолжена за избор на програмските содржини за 12 то издание на БИТ ФЕСТ, денес ја соопштија програмата на овогодинешното Битолско културно лето. Културниот живот, ова лето во Битола, ќе биде исполнет со 58 настани кое се дел од програмата на БИТ ФЕСТ, а кои се избрани врз основа на големината, значењето на настаните, но и комплетноста на документацијата и јасно претставената идеја од апликантите. „Битолското културно лето, нема да има отворање и затворање. Битола е град на културата 365 дена. Тоа е првото нешто што покажува промена на концептот. Исто така, во името на транспарентноста, за првпат отворено ќе се знае сумата потрошена за културата ова лето. Вкупно одобрени средства во програмскиот дел се 5 240 000 денари и тоа: 3 240 000 денари од буџетот на Општина Битола и за првпат 2 000 000 денари од буџетот на Република Македонија. Вкупната сума, е неколкукратно пониска од минатите години. Не затоа што не треба да се троши, туку затоа што природата на трошоците има карактер на класифицирање по приоритет. Една локална самоуправа, мора да мисли на сите аспекти на животот во општината, од култура до инфраструктура. Изборот се изврши со селекторски тим со членови компетентни по одредени области“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска. Градоначалничката информираше, дека при селектирањето на содржините, се водеше грижа за повеќе аспекти: комплетност на документација, селекција на настани за различни вкусови, различни возрасти и различни етнички заедници. Исто така, вниманието беше насочено кон манифестации со долгогодишна традиција или дефиниран имиџ на препознатливост од понов датум. Битола, како конзулски град за првпат годинава, преку соработка во културата, започнува со зајакнување на соработката со амбасадите во Република Македонија. „Изразувам огромна благодарност до сите амбасади и конзуларни претставништва, кои со свои организации овозможија да го збогатат културното лето во Битола, оваа година“, додаде градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска. Битолското културно лето, започна со Празникот на музиката „Солтис“, ќе заврши на 25 август со Широк Сокак во бело,  а ќе биде исполнето со културни настани за сите возрасти.