ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ВО ПОСЕТА НА ПРВОРОДЕНИТЕ ВО 2024 ГОДИНА – ПРВОТО НОВОРОДЕНЧЕ ВО БИТОЛА Е ЖЕНСКО

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ВО ПОСЕТА НА ПРВОРОДЕНИТЕ ВО 2024 ГОДИНА – ПРВОТО НОВОРОДЕНЧЕ ВО БИТОЛА Е ЖЕНСКО

Во 2.07 часот во Клиничката болница во Битола, на свет дојде Илина, првото новороденче родено во оваа установа во 2024 година. По Илина, родени се и две машки бебиња. Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, ги посети мајките и новороденчињата и во име на општината им додели пригодни подароци.

„Денес сме тука со колегите од мојата професија, каде што присуствуваме на убав чин, каде во име на граѓаните и на општина Битола да поделиме скромни подароци за новороденчињата. Битола ја доби Илина, убаво женско име кое ќе го краси градот, честитки за родителите, а по Илина се родија и две машки бебиња. Добро здравје и успеси за сите, а болницата да расне со нов персонал“, рече градоначалникот Коњановски.

„Во првиот ден во 2024 година, честитки до мајката, бебето да е здраво и живо, да расте во бериќет со своето семејство. На персоналот кој одговорно работеше во Новата година, честитки и само успеси. Не само на одделението за гинекологија туку и на сите одделенија, каде што работеа дежурните екипи. Ноќта помина мирно, без потешкотии“, рече директорката на Клиничка болница, д-р Елизабета Ивановска.

По Клиничка болница, градоначалникот ја посети приватната болница „Плодност“, каде првото женско новороденче во 2024 година се роди во 00.10 часот и се вика Антониа. Тој ги посети мајките и нивните новороденчиња при што им подели и соодветни подароци.

„Чест и задоволство е да се биде во болницата „Плодност“, ја имаме Антониа, женско првородено бебе и уште едно, Матео, така што годинава, како што беше и во Клиничката болница, ќе биде плодна, женска. Посакувам успех, здравје, пред се на родителите и на корисниците на услугите на оваа институција, на персоналот успеси во иднина и во иднина да се среќаваме само за убави работи“, посочи градоначалникот Тони Коњановски при посетата на болницата „Плодност“.

„Првото бебе е женско, породено во 00.10 часот на мајка од Битола, а второто новороденче е машко, макјата е од Прилеп. Во тек се уште две спонтани породувања, кои што ќе се завршат за многу брзо време. Со оглед дека имаме и три новороденчиња од вчерашниот ден, вкупната бројка денес ни е 7 бебиња. Со оглед на тоа што денес се 4 новороденчиња, а минатата беа 833, очекувам четири цифрена бројка на новородени во оваа година“, рече директорот и сопственик на Болница „Плодност“, д-р Таше Трпчевски.

Градоначалникот Тони Коњановски во оваа прилика уште еднаш им ги честиташе Новогодишните празници на сите свои сограѓани, со желби за успешна и бериќетна година.