По санацијата на кровната конструкција на сите објекти од градинката „Коца Василева“, во тек се изведбени активности на фасадата, со што комплетно се затвора процесот на надворешната реконструкција на објектот, кој ги задоволува стандардите на енергетска ефикасност.
Градоначалничката Наташа Петровска ја посети оваа воспитно-образовна установа, која е во состав на градинките „Мајски Цвет“. Општина Битола финансиски ја поддржа реконструкцијата, за која е обезбеден грант во висина од 68.000 евра од Јапонската амбасада. Со овој зафат се очекува заштеда од 20% на финансиите за топлинска и електрична енергија на годишно ниво.
Директорката на ЈОУДГ „Мајски цвет“ Снежана Тодоровска истакна дека во изминатите три и пол години, речиси целосно е променет ликот на оваа градинка. Комплетно се реновирани сите тоалети, извршена е дезинфекција на сите простории со бојадисување, променети се масичките, столчињата, шкафчињата и другите потребни елементи. Нови елементи има и во кујната која работи по ХАСАП систем, а градинката по Ковид стандарди, има згрижувачки капацитет за 150 деца.
Во моментов, Општина Битола работи на изградба и адаптација на нови детски градинки, со што ќе се зголемат сместувачките капацитети за децата од предучилишна возраст.