ГОЛЕМ ИНТЕРЕС НА ЈАВНИОТ ПОВИК НА ОПШТИНА БИТОЛА ЗА НАДОМЕСТ НА ДЕЛ ОД ТРОШОЦИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА НАБАВКА НА ИНВЕРТЕР КЛИМА УРЕДИ

ГОЛЕМ ИНТЕРЕС НА ЈАВНИОТ ПОВИК НА ОПШТИНА БИТОЛА ЗА НАДОМЕСТ НА ДЕЛ ОД ТРОШОЦИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА НАБАВКА НА ИНВЕРТЕР КЛИМА УРЕДИ

Денес започна аплицирањето на жителите на општина Битола, за надоместување на дел од трошоците за набавка на инвертер клима уреди за 2023 година.

До 10.15 часот беа поднесени 196 барања од граѓани, а процесот се одвива на организиран начин и по редослед на пристигнување на барателите.

Средствата што ќе ги надоместува Oпштина Битола се во вредност од 30% од вкупната цена на чинење на уредот, но не повеќе од 18.000,00 денари. Услов за учество на Јавниот повик е барателот и членовите на неговото потесно семејство со иста адреса на живеење да немаат искористено субвенција за набавка на инвертер клима уреди од претходни јавни повици спроведени од Општина Битола или од органите на државната управа на Република Македонија, што барателот го докажува со изјава заверена на нотар. Заедно со изјавата, барателите до архивата на Општина Битола доставуваат барање, копија од лична карта и трансакциска сметка, како и оригинал фискална сметка или фактура со извод од деловна банка за набавениот клима уред. Едно лице поднесува само едно барање за добивање на надоместок. Рокот за аплицирање е до 12.04.2023 година до 15:30 часот, по што барањата ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за евалуација на пристигнатите барања.

Согласно Програмата за животна средина на Општина Битола за 2023 година, бројот на добитници е ограничен до висина на определениот износ од од 1.600.000,00 (еден милион и шестотини илјади) денари со пресметан персонален данок на личен доход.

Со истата Програма, предвидени се и други субвенционирања, со што општината има за цел да ги стимулира граѓаните за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на домаќинствата, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата, не влијаат врз климатските промени и се во насока на енергетска ефикасност и подобрување на квалитетот на животната средина.