Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во Битола приреди прием за членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија.
На традиционалниот дипломатски прием, организиран по повод новогодишните и божиќните празници, свои обраќања имаа претседателот Иванов и доајенот на дипломатскиот кор во Република Македонија.
Во својот говор претседателот Иванов, направи ретроспектива на минатата 2015 година, потсетувајќи дека „Таа беше година на важни крстосници и храбри одлуки, година во која низ Македонија минаа стотици илјади бездомни мигранти и бегалци. Во услови на досега незапаметен сплет на политички и безбедносни предизвици, одлучно се соочивме со речиси се што ни донесе годината. Како држава, изненадивме многумина кои не очекуваа терторијално мала држава како Македонија да биде толку отпорна и цврста пред заканите“. Својот говор претседателот го заврши со порака за почитување на меѓународното право и меѓународно превземените обврски.