ВТОРА РАБОТИЛНИЦА НА АРХИТЕКТОНСКИОТ ФАКУЛТЕТ СО ЗАСЕГНАТИТЕ СТРАНИ ЗА ИЗГОТВУВАЊЕ НА СТУДИИТЕ ЗА ИЗРАБОТКА НА ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН

ВТОРА РАБОТИЛНИЦА НА АРХИТЕКТОНСКИОТ ФАКУЛТЕТ СО ЗАСЕГНАТИТЕ СТРАНИ ЗА ИЗГОТВУВАЊЕ НА СТУДИИТЕ ЗА ИЗРАБОТКА НА ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН

Општина Битола, продолжува со интензивна работа на изготвувањето на новиот генерален урбанистички план. Во рамките на активностите кои се спроведуваат, денес Архитектонскиот факултет ја одржа втората работилница за потребите за изготвување на студиите. На работилницата покрај експертските тимови, учествуваа засегнатите страни, чинителите и одлучувачите од Општина Битола. Градоначалникот Тони Коњановски, нагласи дека очекува активна вклученост на сите релевантни фактори, во овој процес, кој ќе резултира со донесување на многу значаен и неопходен документ за Битола.

„Денес, како резултат на соработката со Архитектонскиот факултет, се одржува втората работилница во чии рамки ќе биде презентиран процесот на изработка на студиите и стратегијата за општина Битола, анализата на постоечката состојба и согледувањата за проблемите и можностите, за што секако од особена важност е и критичката анализа со цел подобрување на согледувањата и заклучоците од експертските тимови. Токму затоа, денешното присуство на сите Вас е многу значајно, како важен придонес во процесот на работа и постигнување на зацртаните цели, во планираните рокови. Почнувајќи од мапирањето на податоци, преку нивната обработка, анализа и изготвување на студиите, денес сме тука за да го дефинираме правецот на стратешкото делување во однос на предизвиците и можностите, како важни сегменти на живеењето во градот, градските функции, развојот на стопанството, индустријата и воопшто економскиот напредок.

Органограмот на соработка во оваа фаза ги вклучува сите институции, јавни претпријатија, општинската администрација и секако советниците од Советот на општината, како претставници на граѓаните.

После презентацијата на сите студии чии наоди ќе бидат претставени денес, очекувам активна соработка и вклученост од сите Вас, со цел успешно завршување на отпочнатиот процес до донесување на новиот генерален урбанистички план, кој ќе го замени постоечкиот од 1999 година и ќе одговара на современите потреби на Битола“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред присутните.

На денешната работилница, беа претставени седум влезни студии, кои влегуваат во изработката на Генералниот Урбанистички план за општина Битола, изработени од Архитектонски Факултет-Скопје, преку проектот БАИР – „Здружена акција на Битола за вклучување на Роми“. Ова е еден од чекорите кон креирање на нов Генерален урбанистички план за општина Битола, како клучен документ за одржлив развој на градот, паметно домување и подобрување на квалитетот на живот.