ВО БИТОЛА СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА ЕВРОПА

ВО БИТОЛА СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА ЕВРОПА

Песна, радост, игра и креативност, денеска го раздвижија Плоштадот Магнолија, внесувајќи посебна енергија низ креативноста на учениците од основните училишта кои преку своите изработки ги претставуваа 5 земји на ЕУ, нивната култура, историја и традиција. Со денешната манифестација и оваа година Општина Битола, ЕУ инфо точката и Делегација на ЕУ се вклучија во обележувањето на Денот на Европа. Забавниот дел од програмата го исполнија детскиот хор „Ѕвончиња“ , децата од детските градинки на ЈОУДГ„Естреја Овадија Мара“, како и музичките настапи на Guess who“ и „The groove“. „Ми претставува голема чест и гордост, што денес во името на градоначалничката, во име на Советот на Општина Битола и во мое лично име присуствувам и сум дел од оваа преубава манифестација – Денот на Европа – денот на победата. Сите ние, ја чувствуваме енергијата која што не опкружува од нашите основци, од нашите најмлади и најмили и сето ова е благодарение на организацијата на општина Битола, Делегацијата на Европската унија. Денес, како и секогаш Битола е Европа, а особено со овие штандови, денес Битола е Италија, Битола е Франција, Битола е Латвија, Битола  е Кипар и Битола е Малта “, изјави заменик градоначалникот на Битола, Емилија Костурски. Амбицијата на ЕУ во овие денешни модерни времиња е да се изгради Европа во која се почитуват слободата и идентитетот на сите народи кои ја сочинуваат. Само преку обединување на народите Европа ќе биде господар на својата судбина и ќе игра позитивна улога во во светот. Денес, 9 мај, претставува европски симбол кој, заедно со европското знаме, химната и мотото „Обединети во различностите”  го идентификува политичкиот ентитет наречен Европска Унија, меѓудругото беше нагласено на денешниот настан на Плоштадот Магнолија во Битола.