Со отпочнување на подготвителните активности, на улицата Илинденска се направи вовед во работата, која во наредниот период треба да опфати целосна реконструкција на оваа улица во Битола, која е значаен сообраќен крвоток за градот, во должина од 2131 метар.
„Реконструкцијата ќе опфати неколку фази, во кои Општина Битола учествува со секундарното поставување на мешовита канализациона мрежа и секундарни приклучоци на водоводната мрежа, а потоа и поставување на нов коловоз во вредност од над 500.000 евра“, рече градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска.
Петровска апелираше на взаемна соработка со локалното население и посочи дека жителите благовремено ќе бидат информирани кога реконструктивните зафати ќе дојдат до нивните куќи, со цел навремено да пријават секундарен приклучок, а не тоа да се прави во периодот после асфалтирање на улицата.
Поради почеток на реализација на проектот, воведена е времена измена на режим на сообраќај на потегот од улица „Прилепска“ до улица „Панде Кајзерот“.