БРИГАДИРИТЕ КОИ ПРЕД 40 ГОДИНИ УЧЕСТВУВАА ВО ИЗГРАДБАТА НА ХС СТРЕЖЕВО – ДЕНЕС СЕ СОБРАА ВО БИТОЛА

БРИГАДИРИТЕ КОИ ПРЕД 40 ГОДИНИ УЧЕСТВУВАА ВО ИЗГРАДБАТА НА ХС СТРЕЖЕВО – ДЕНЕС СЕ СОБРАА ВО БИТОЛА

Бригадири од Скопје, Куманово, Штип, Велес, Крива Паланка, Охрид и Битола, собирајќи се во дворот на Општина Битола, повторно, после 40 години потсетија на значењето на младинското работно ангажирање, но и големите резултати создавани низ таквиот начин на волонтерство. Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, придружувајќи им се на големите ентузијасти – акцијаши, им честита за несебичната ангажираност, посакувајќи нивниот пример да биде дел од живеењето на денешните генерации, кои преку волонтерството ќе создаваат трајни вредности, во насока на подобрување на општественото живеење и изградбата на подобра иднина за нашата држава.

Денешното присуство на голем број млади луѓе помеѓу бригадирите, потврдува дека спојот помеѓу младоста и искуството, е носечки столб на иднината. Токму во оваа насока, зборува и фактот што младинското волонтерско ангажирање пред 40 години, придонесе да се создаде ХС Стрежево, кој денес е од огромно значење за овој регион, учествуваше во изградбата на „Патот на младоста“, но создаде и многу други капитални објекти, чии бенефити и денес ги чувствуваат сегашните генерации, а се во интерес и на оние кои доаѓаат.

Обединувањето на бригадирите, денес продолжи со посета на браната „Стрежево“, во чија изградба учествуваа пред 40 години, посета на некогашната бригадирска населба „Ниже Поле“, дружење низ Широк Сокак, а низ разгледување на изложбата на фотографии од младинската акција „Стрежево“ во Завод и Музеј, се направи уште една прошетка низ спомените исполнети со емоции, ентузијазам и желба за заживување на вредностите од минатото.

Здружението „Волонтери – Пелистер“ – Битола, со ваквите активности поттикнува кон создавање на нова доброволна младинска бригада која ќе ја продолжи традицијата на развивање љубов кон волонтеризмот, општествено корисното ангажирање и младинскиот придонес за подобро утре.