БИТ ФЕСТ: 48 РЕПУБЛИЧКИ ФЕСТИВАЛ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

БИТ ФЕСТ: 48 РЕПУБЛИЧКИ ФЕСТИВАЛ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

Традиционалното дефиле низ Широк Сокак, насловено „Со песни и игри низ битолските улици“, внесе вистинска енергија и колоритност низ Широк Сокак, најавувајќи го притоа официјалното отворање на 48 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“. Во 20.00 часот на Ракометното игралиште, фестивалот го отвори градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, која им посака успешни фестивалски денови на сите учесници на фестивалот, а на гостите убав престој во Битола.

Гостите и учесниците во програмата ги поздрави и директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски, која нагласи дека „Илинденски денови“ е повеќе од еден фестивал, тој е бренд на нашиот град, амбасадор на културата.

Низ програмата на фестивалот „Илинденски денови“, културниот живот во Битола се издигнува на многу високо ниво, притоа вклучувајќи голем број програмски содржини со илјадници гости и учесници, преку дефилето, уличните перформанси, низ концертите, настапите на играорците, вокалните и инструменталните манифестации, семинари, проекции на етно-филмови, изложби, детска ликовна работилница, како и завршниот концерт на Виолета Томовска, во придружба на групата “Фонтана“ со пријателите.

Фестивалот беше отворен со традиционалното оро „Комитско“, а за време на фестивалските денови настапуваат фолклорни ансамбли од Македонија, Србија, Хрватска, Полска, Шпанија и Јапонија.