Здружението „Сумнал“, во рамките на БИТ ФЕСТ, преку концерт во Магазата, пред битолчани ја претстави уникатната, Бајса Арифовска која настапи со своите соработници Душко Геориевски – познат вокален интепретатор на македонската естрада и пошироко, инстументалист на флејта, Ратко Даутовски – перкусии и Орце Лазаров – електричен бас.
Бајса Арифовска е уникатна во светот на македонската традиционална музика, свири најмалку на 15 инструменти, компонира, а 11 години беше професор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде што на учениците им предаваше народни инструменти. Работи како инструменталист и асистент на оркестарот во националниот ансамбл „Танец“. Оваа неуморна млада жена, за која музиката е сон и реалност, многу придонела и за музичката едукација на ромските деца, работејќи со нив во мандолинскиот оркестар на ромскиот културен и едукативен центар „Дархија“.
Досега одржала стотици концерти, остварила извонредни соработки со врвни уметници, а воедно е прва Ромка кај нас што компонирала музика за балет. Станува збор за „Скршен сон“, што го напишала во 2009 година.