БИТ ФЕСТ: ИЗЛОЖБА НА ДЕЛА ОД БОРИСЛАВ ТРАИКОВСКИ (1917 -1996)

БИТ ФЕСТ: ИЗЛОЖБА НА ДЕЛА ОД БОРИСЛАВ ТРАИКОВСКИ (1917 -1996)

Во Културниот центар Магаза вчеравечер беше отворена изложба на слики од еден од доајените на македонското современо сликарство, акадeмскиот сликар Борислав Траиковски (1917-1996). Оваа изложба се вбројува во најзначајните настани од областа на ликовната уметност на овогодинешниот БИТФЕСТ и е една од активностите на Друштвото на ликовните уметници Битола (ДЛУБ), НУ Завод и Музеј Битола и Македонското научно друштво Битола, кои со поддршка на Општината Битола, Битолското културно лето и семејството на Борислав Траиковски, се организираа во рамки на програмата за одбележувањето на големиот јубилеј 100 години од неговото раѓање. Изложени се 25 дела кои се со карактеристичниот формат 100х80, во техника масло на платно и истите се сопственост на љубители на уметноста, институции и компании од Битола. Скоро сите дела досега не се изложувани. Станува збор за дела кои Траиковски ги создавал во периодот од 1959 до 1993 година. Овој настан следува по успешната изложба на слики од Борислав Траиковски, во Белград, Р.Србија во Галеријата на НУ „Куќа на легатите“ лоцирана на главната улица во Белград, каде беа изложени 40 дела сопственост на семејството на сликарот. Изложбата ја отвори Нејзиното кралско височество, Принцезата Јелисавета Караџорџевиќ. Оцените и впечатоците беа прекрасни, особено од оние, кои со делата на Траиковски се сретнале и во минатото, преку редовните групни изложби на македонските и југословенските сликари во Белград, на изложбите на ВДИСТ, како и преку изложбата на дел од творештвото на Траиковски во 1976г. во Белград. Планирано е одбележувањето на големиот јубилеј да продолжи со поставување на спомен плоча на објектот каде се наоѓаше ателјето на Траиковски во Бистрица, со издавање на монографија, отварање на спомен ателје на Борислав Траиковски во рамки на НУ Завод и Музеј Битола и со изложба во НУ Завод и Музеј Штип. Со овие активности ДЛУБ и останатите институции од областа на културата прават напори да се оддолжат на делото на Борислав Траиковски кој како еден од доајените на македонското современо сликарство и сликарска екселенција остави неизбришливи траги на нашите простори. Изложбата која е дел од БИТ ФЕСТ 2017 ќе трае до 03.08.2017 година.