На 90 годишна возраст, во Битола, почина Владимир Костов, личност со големи достигнувања и придонес во развојот на културата, литературата и научното творештво, кој преку македонскиот книжевен израз, ја претстави Битола, во Европски и светски рамки. Неговите дела, ќе останат вечно запаметени. Општина Битола, изразува сочувство до семејството на Владимир Костов.
Владимир Костов е роден во Битола 1932 година. Основното и средното образование ги завршил во родниот град, а дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел како професор на Педагошката академија при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола од нејзиното основање па сè до своето пензионирање. Бил еден од основачите како и главен уредник на списанието „Развиток“. Инаугуриран во доктор на филолошките науки при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои во два наврати наградата на градот Битола „4 Ноември“, како и третпат за животно дело, како и на републичките награди:„11 Октомври“, „1 Мај“, наградата „Рациново признание“; наградата на Друштвото на писателите на Македонија „Ванчо Николески“; „Гоцева повелба“ за литературна дејност; наградите на Сојузот на здруженијата на наставниците по македонски јазик и литература и „Феникс“.За литературна дејност одликуван е со орден „Заслуги за народ со златен венец“.
Неколку негови дела – романи и новели, доживеале драматизација и сценска изведба од Битолскиот народен театар на редовниот репертоар и неколку меѓународни театарски фестивали во земјата и странство, а негови дела се застапени и како задолжителни лектири за обработка во наставната програма за средните училишта.
Има објавено 17 романи, 10 збирки новели и раскази и 8 книги за деца и млади. Застапен е во антологии на македонскиот расказ кај нас и во светот. За неговото творештво кое започнува со објавување на првиот роман уште во далечната 1967 година, е пишувано во повеќе наврати во списанија, публикации, книги, прегледи и рецензии од видни македонски книжевници. Биографски податоци, животни погледи, погледи на литературата како творечки феномен и погледи на актуелни општествени настани Владимир Костов изнесува и во бројни интервјуа. Покрај со белетристика, Владимир Костов се занимава и со проучувања од областа на јазикот и литературата, за што има објавено 8 научни трудови.
Во 2015 година проф. Владимир Костов беше избран за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.