Во долниот дел од Градскиот парк во Битола, од денес граѓаните ќе можат да ги носат своите домашни миленици – кучиња во посебен парк, во кој се сместени реквизити за забава на милениците и клупи за сопствениците, како и специјални канти наменети за отпад од милениците. Градоначалничката Наташа Петровска и директорот на ЈП „Комуналец“ го посетија паркот за миленици, кој е дел од програмата Изградба по план – инфраструктура за сите.
„Голем дел од нашите сограѓани имаат домашни миленици, но во зависност од нивниот простор на живеење, немале досега можност да имаат огранизиран простор каде што ќе ги носат нивните миленици. Добробитот е двоен, бидејќи милениците имаат каде да се растрчаат и да имаат свои активности, а од друга страна со самата ограденост, заштитени се останатите граѓани. По согледувањата на граѓаните, барање за ваков простор постои и во горниот дел од градот, во Нова Битола. Идејата е добра и ќе даде можност повеќе, бидејќи оддалеченоста од оваа локација е голема. Отворени сме за секакви дополнителни сугестии од граѓаните, кои што можат да дадат подобрени варијанти, во интерес на сите нас“, истакна градоначалничката Петровска.
Паралелно со акцијата за поставување на паркот, ЈП „Комунаец“ обезбеди дополнително осветлување на овој простор, со цел граѓаните да можат да остануваат и подоцна во вечерните часови.
„Паркот за миленичиња е ограден простор каде што граѓаните со своите миленичиња можат да дојдат, а миленичињата да се растрчаат, но и да рекреираат. За таа цел поставивме реквизити, кои се од природни материјали. Би сакал да укажам на правилата кои се запишани на поставените табли на двата влезови, да се чува инвентарот, а отпадот од кучињата граѓаните да си го ставаат во корпите за таа намена, за да можеме паркот да го одржуваме во добра кондиција“, истакна директорот на Јп „Комуналец“, Панде Богоевски.
Бранко Тасевски, вработен во ЈП „Комуналец“ и претседател на Битолското кинолошко друштво, посочи дека Битола е трет град во државата, кој има специјален парк наменет за домашните миленици – кучињата.