БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА СВОЈОТ ЗАШТИТНИК – ПРЕПОДОБЕН СВЕТИ НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ

БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА СВОЈОТ ЗАШТИТНИК – ПРЕПОДОБЕН СВЕТИ НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ

Голем број верници, денес го исполнија Храмот Свети Великомаченик Димитриј во Битола, од каде со света литургија започна одбележувањето на Денот на Свети Нектариј Битолски, заштитник на Битола. Според востановената традиција, низ повеќе битолски улици се одржа Литија. „Патронот на Битола, Преподобниот Отец Нектариј Битолски, го празнуваме денес и утре. Сите оние кои него го прославуваат тој за нив се моли, го славиме Бога што го просветлил и во тој дух денеска се чувствува целата Битола, радосна духовно пред се, заради покровителот нејзин – Преподобниот отец наш“, изјави митрополитот преспанско – пелагониски и администратор австралиско – новозеландски г.Петар. Градоначалничката Петровска до сите свои сограѓани испрати честитка по повод Денот на заштитникот на градот, притоа нагласувајќи дека, секој човек треба да живее почитувајќи ги најголемите човечки вредности: „Денес е голем празник за православните христијани во нашиот град. Денес е патронот на нашиот град, заштитникот на градот, празникот на Свети Нектариј. Убава можност уште еднаш да се потсетиме дека верата, надежта, љубовта треба да бидат нераскинлив дел од нашето секојдневие. Во тоа име, во таа насока им посочувам на сите мои сограѓани, независно на нивната верска или национална припадност: да си помагаме едни на други, да шириме љубов едни кон други, затоа што во суштина минливоста на овдешното постоење, всушност наложува дека безвредна е секаква друга димензија на живеењето“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска. Денешните активности по повод патронот на градот се во организација на општина Битола и преспанско – пелагониската епархија, а продолжуваат во 18.00 часот кога ќе биде отворена манифестацијата „Битолските еснафи“ од страна на Регионалната занаетчиската комора, а во 19.00 часот во Народниот театар ќе се одржи културно – уметничка програма.