БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ

БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ

Со прием во кабинетот на градоначалникот на претставници од општинскиот одбор на Сојузот на борци од Битола, започнаа денешните активности со кои општина Битола го одбележува Денот на ослободувањето на градот. Градоначалничката м-р Наташа Петровска, заедно со претставниците од Сојузот на борци, претставници од Советот на општина Битола, делегации од збратимените градови: општината Плевен од Република Бугарија и општината Стари град – Белград од Република Србија, како и претставници од политичките партии од градот, положија свежо цвеќе пред споменикот на НОАВМ – пред Центарот за култура во Битола. Градоначалничката Петровска на сите битолчани им го честита денешниот голем празник, испраќајќи силна порака, посебно до младите генерации: „Четврти ноември за Битола и битолчани не е обичен ден. Четврти ноември е ден каде што треба да прославиме, но и да се потсетиме на сите оние кои што ги дадоа своите животи за ние денес да имаме независна држава. Овој ден за нас е и завет како треба да се однесуваме, како треба низ нашите дела да покажуваме дека нивната борба вредела. Кога зборувам за ова, посебно сакам да нагласам, дека за нас, можеби најзначајно е да посветиме внимание на фактот, дека младите генерации, нашите деца, треба да знаат што значеше и што значи 4 Ноември за Битола, што значеше таа пожртвуваност, да бидат образовани, едуцирани, инфрмирани и на тој начин да градат вредности во себе, да ги сочувуваат вредностите на минатите генерации, но и да ставаат траги на своето време. БИТОЛЧАНИ ДА НИ Е ЧЕСТИТ ПРАЗНИКОТ!“, изјави градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска. Претседателот на Сојузот на борци, потсети на случувањата во Битола пред 73 години: „Нека ни е честит празникот – 4 Ноември кога се запалија големите светла на слободарска Битола. На 2 ри Ноември последните германски единици ја напуштија Грција и се концентрираа во Битола, во битолските касарни. Исто така, германските единици што учествуваа во борбите за Прилеп дојдоа во Битола и целата моторизирана единица беше концентрирана исклучиво во Битола. Од разузнавачките служби на 49 та дивизија имавме сознание, дека германците ги минирале касарните, офицерски дом и многу згради во Битола со единствена цел, доколку 49 – та дивизија ги нападне, да можат да ги дигнат во воздух. За да не дојде до такво рушење на градот, командантот на 49 та дивизија го испрати свештеникот Илија Тодоровски, бидејќи добро го говореше германскиот јазик, на дипломатско преговарање со германците, со цел да им укаже дека партизанските единици нема да ги нападнат Германците, додека престојуваат во Битола, а тие пак да размонтираат се што имаат монтирано. И така се направи. Последните германски единици се повлекоа ноќта на 4 Ноември. Неможеа да го користат правецот кон Прилеп, затоа што на 3 Ноември, Прилеп веќе беше ослободен и таа релација неможеше да се користи за да се движат кон Германија, а единствена релација која можеа да ја користат беше Битола-Ресен-Охрид-Ќафасан-Албанија. Рано утрото, во мугрите 7 бригада влезе во Битола, а битолчани со радост ги пречекаа, со големо славење“, изјави Александар Трајковски, претседател на Сојуз на борци – Битола. Свежо цвеќе беше положено и пред Споменикот на Стив Наумов и на Партизанските гробишта во Битола. Активностите по повод Денот на ослободувањето продолжија со прием на делегациите од збратимените градови во градоначалничкиот кабинет. Градоначалничката м-р Наташа Петровска, го отвори и меѓународниот шаховски турнир за слепи лица, кој традиционално е дел од четвртоноемвриската програма на општината по повод Денот на ослободувањето на градот.