Со утринска богослужба и Света Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше, неговото Високо правосвештенство, Митрополитот Петар, во Храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, започна одбележувањето на Денот на заштитникот на Битола, „Свети Нектариј Битолски“. Потоа, следуваше Литија со моштите на „Свети Агатангел Битолски“, а во чест на патронот и заштитникот на Битола – „Свети Нектариј Битолски“.
На денешното одбележување, организирано од Преспанско – пелагониската епархија, во соработка со општина Битола, присуствуваше и градоначалникот Тони Коњановски, кој испрати честитка по повод празникот до сите граѓани, посакувајќи доброто, секогаш да биде наша водилка на патот кон успехот:
„На сите сограѓани им го честитам Денот на Заштитникот на градот – Свети Нектарииј Битолски. Неговата заштита нека биде постојано со нас. Секојдневието да го исполниме со љубов, меѓусебно почитување и добрина кои ќе не водат кон исполнување на високите вредности, со кои ќе ја градиме иднината на Битола, иднината на сите нас и генерациите кои доаѓаат“, рече градоначалникот Коњановски, честитајќи го Денот на заштитникот на Битола.
По повод „Свети Нектариј Битолски“, годинава за првпат, општина Битола, им додели награди на 19 талентирани и надарени ученици од општината, за постигнатиот успех во учебната 2021/2022 година.