Интензивна изградба и реконструкција на над 40 патишта низ државата, како и висока реализација во патната инфраструктура и гасификација, во моментот се статистики кои го одбележуваат работењето на Министерството за транспорт и врски. Гасификацијата согласно сите проекции во најбрз рок треба да биде донесена до Битола, а општината треба да ја направи секундарната и терцијарната работа, со што битолчани ќе се поврзат со гасоводот.
„Општина Битола веќе избра проектант кој го работи идејното решение и идејниот проект за гасификацијата, така што кон крајот на есенва, очекуваме дека проектната документација ќе биде завршена, за да можеме следната градежна сезона пред да дојде примарниот довод до градот, да бидеме подготвени со секундарните приклучоци“, рече градоначалничката Наташа Петровска, нагласувајќи дека градежните активности од минатата и оваа градежна сезона се потврда за синхронизираноста на локалната и централната власт за добробит на граѓаните на општината.
Еден од тие проекти е и денешното асфалтирање на патот Битола – Демир Хисар, врз што денес беше извршен увид и од страна на градоначалничката на општина Битола, министерот за транспорт и врски и директорот на јавното претпријатие за државни патишта.
„Се работи посветено во сите региони. Динамиката е согласно роковите. Реконструкцијата и на овој пат Битола – Демир Хисар ќе биде согласно динамиката. Владата дава голема поддршка на Битола и битолскиот регион: преку повеќе проекти: овој пат, обиколницата над Битола, патот Битола – Новаци, железничката линија Битола – Кременица. Така, ако минатите 15 години ништо не се вложило во овој регион, сега е видливо дека оваа власт настојува да помогне на овој регион и на сите региони во нашата држава“, изјави Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, потенцирајќи дека оваа година ќе биде економска година, а за сите проекти кои што се во најава, како: автопатот Прилеп – Битола, експресниот пат од Битола до грчка граница, ќе бидат завршени проекциите и ќе следува нивна изградба.