ЈКП „КОМУНАЛЕЦ“ ЌЕ СЕ ГРИЖИ ЗА УЛИЧНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ ВО БИТОЛА

ЈКП „КОМУНАЛЕЦ“ ЌЕ СЕ ГРИЖИ ЗА УЛИЧНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ ВО БИТОЛА

Со одлука на Советот на Општина Битола, на ЈКП „Комуналец“ му е пренесено правото на сервисирање и тековно одржување на електричната мрежа за уличното осветлување на подрачјето на Општина Битола, за градот Битола. По примерот на веќе успешно реализираното осветлување на територијата на Општина Битола во приградските населени места, во неполн месец, ова јавно претпријатие покажа дека има капацитет и опрема соодветно да го менаџира и уличното осветлување во централното градско подрачје, посочи директорот Панде Богоевски.

„Во опфатот на градското подрачје, содржан во договорот, има 7941 улично светло. Досегашните договори со приватните фирми, опфаќале одржување на уличното осветлување во делот на менувањето на прегорените сијалици и доколку постоел одреден дефект, истиот да биде отстранет. Со сегашниот договор, ЈКП „Комуналец“ покрај тековното одржување и менување на уличните светилки, ќе вложува и во квалитетот на самата улична мрежа, односно ќе се врши замена на одредена улична сијалица со поквалитетна и појака во однос на осветлувањето, доколку се процени дека за тоа место има потреба од појако осветлување. Таа замена ќе биде со поквалитетни светилки, кои иако се поскапи, на подолг рок даваат заштеда на електричната енергија, што значи општината ќе плаќа помалку пари за улично осветлување“, рече Богоевски.

Уште една од новините во однос на уличното осветлување е наплатата. Досега, без разлика на извршената работа, ангажираните фирми биле паушално фиксно исплаќани за одржувањето на уличното осветлување, а сегашниот нов договор предвидува исплата по извршена работа. Тоа значи дека врз основа на дневни извештаи потпишани од надзор на опшината и јавното претпријатие и по конкретно извршена работа, ќе биде исплатена извршената конкретна работа. На овој начин, општината ќе има можност за поголем увид во трошоците, но и за поголеми инвестиции во однос на уличното осветлување во градот.

„Граѓаните благовремено ќе бидат известени на кој начин ќе можат да пријават одреден проблем во однос на уличното осветлување“, информираше директорот на ЈКП „Комуналец“,Панде Богоевски.