Денес, во Општина Битола се одржа третата работилница за изработка на студии за влезна документација за Генерален урбанистички план (ГУП) на град Битола, во организација на Проинг ДООЕЛ Битола, во соработка со Архитектонскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Работилницата е составен дел од проектот „БАИР-здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“, а примарната цел е да ги презентира резултатите и наодите од студиите спроведени во контекст на изработката на Генералниот урбанистички план, но и да послужи како платформа за консултација со засегнатите страни од невладиниот сектор и јавните институции за евалуација на предложените цели дефинирани како работен текст од експерти.Работилниците кои ги спроведува Архитектонскиот факултет следат специфична методологија за изработка на студии, со акцент на утврдување општи и конкретни цели и изведување заклучоци од нив. Од суштинско значење е различните институции да ги обезбедат најрелевантните влезни податоци, бидејќи квалитетот на овие студии е критичен за прецизно дефинирање на потребите на жителите на град Битола. Архитектонскиот факултет како најреномирана институција во државата од областа на архитектурата и урбанизмот изработува 7 студии и 1 стратегија во рамки на овој процес. Поконкретно, станува збор за изработка на:
- Студија за одржливо урбанистичко планирање
- Студија за организирање и систематизирање на градски центри и земјиште за општа употреба
- Студија за домување
- Стопанска студија
- Студија за одржлив економски развој
- Студија за градски функции
- Студија за ризици од природни непогоди, ризици од технолошки хаварии, заштита и спасување и
- Стратегијата за одржлив развој на Општина Битола.
Работните активности, ќе продолжат и утре, во координација со градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, секретарот Борче Димитровски и стручните лица од оваа област од општинската администрација.
Во рамки на проектот „БАИР- здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“, чиишто имплементатори се италијанската НВО ЦОСВ, Општина Битола и фондацијата ПРЕДА Плус, со финансиска поддршка на Европската Унија се изработуваат уште четири влезни документи за ГУП за град Битола.
Поконкретно:
- Сеизмолошка студија, што ја работи Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, реномиран во областа на земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија.
- Заштитно – конзерваторски основи, што се подготвува од НУ Завод и музеј Битола, единствениот субјект надлежен за изработка на овој документ.
- Стратегиска оценка на животната средина, што ја изработува „ЕкоМозаик“, истакната организација во државата од оваа област.
- Дополна на геодетска ажурирана подлога чиј изработувач е ДООЕЛ ГЕО ЛЕНД од Битола.
Осумте влезни документи кои се изработуваат од страна на Архитектонскиот факултет како и оние од ИЗИИС и НУ Завод и Музеј Битола веќе се во завршна фаза. Нацрт-верзиите се очекува да бидат испорачани до средината на ноември, а финалните верзии треба да бидат завршени до крајот на годината. Додека, студиите поврзани со стратешката оцена и ажурираната геодетска база ќе продолжат паралелно со изработката на ГУП на град Битола.