Остануваат уште три дена до крајот на Битолското културно лето „Бит Фест 2017“.
Традиционално по седми пат и оваа година, во рамките на БИТ ФЕСТ ќе се одржи настанот ШИРОК СОКАК ВО БЕЛО – Бела ноќ во Битола. Оваа година за забавата да биде на највисоко ниво ќе се погрижи светски познатата супер стар Дј и вокал SONIQUE.
Пред неa атмосферата ќе ја загреваат ДЈ Рикардо, ДЈ Андреј Ѓошев.
Специјални гости ќе бидат Dj Robin Master и Mikkel Outzen од Данска.
На денешната прес конференција присуствуваа ДЈ Рикардо од Битола и Dj Robin Master од Данска, како и Жарко Нацевски – дел од организацијата на „Широк сокак во бело – Бела ноќ во Битола“.
„Пристигнав вчера во Битола. Ова е навистина прекрасен град. Очекувам во сабота да имаме одлична забава“, изјави Dj Robin Master од Данска.
Оваа година, белата ноќ во Битола има најмногу гости и најавува незаборавно доживување:
„Белата ноќ во Битола или Широк сокак во бело е настан кој битолската публика, но и гостите од другите градови во Македонија со нетрпение го очекуваат. Оваа година благодарение на поддршката од Битолското културно лето и поддршката од повеќе спонзори, успеавме да донесеме најмногу ди џеи, познати ди џеи кои доаѓаат од Данска, но и едно доста атрактивно име – светски афирмираниот ди џеј од Велика Британија SONIQUE“, изјави Жарко Нацевски, дел од организаторите на Широк Сокак во бело, кој заедно со Борче Груевски го организира овогодинешното издание на Белата ноќ во Битола.
На денешната прес конференција присуствуваше и градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески, кој потсети дека Општина Битола и оваа година, со многу успех и значителен интерес за програмските содржини го реализираше единаесетото издание на Битолското културно лето „Бит Фест 2017“.
„Започнавме на 21 јуни со Битола Шекспир фестивал. Следуваа уште бројни настани, на кои со задоволство можам да речам дека посетеноста се издигна на највисоко ниво. Впрочем, информацијата за секој настан е достапна низ веб страниците на општината и фестивалот, а фотографиите од настаните, најдобро потврдуваат какви културни настани имавме ова лето. Музика, поезија, театар, филм, фолклор, ликовна уметност и фотографија, проекти кои оставаат траен печат во културното живеење на нашиот град. Концертот на „Нокаут“ со Игор Џамбазов и Гуру Харе, Рок симфонијата со Влатко Стефановски, Мелодии од Виетнам…..гостувања на повеќе театри, одбележување на значајни датуми, гостување на учесници од над 20 земји и над 20 сцени искористени за програмските содржини. Реализирани се над 200 програмски содржини и мислам дека навистина и оваа година ќе остане запаметена по уште едно успешно издание на БИТ ФЕСТ. Завршуваме во сабота со Широк сокак во бело. Верувам дека и овој настан, оваа година ќе биде подобар од секогаш досега“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Битолското културно лето, Бит Фест, претставува културно раздвижување на градот, внес на посебна енергија и динамика и дополнителен простор за економски напредок на општината. Фестивалот го организира Општина Битола во соработка со културните институции од градот, а под покровителство на градоначалникот, д-р Владимир Талески.