РЕНОВИРАЊЕ НА ИГРАЛИШТЕТО И МЕСНАТА ЗАЕДНИЦА ВО НАСЕЛБАТА БАИР

РЕНОВИРАЊЕ НА ИГРАЛИШТЕТО И МЕСНАТА ЗАЕДНИЦА ВО НАСЕЛБАТА БАИР

Започна реновирањето на дел од месната заедница „Димитар Влахов“ и реконструкцијата на игралиштето во нејзина непосредна близина. Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, дел од директорите на битолските јавните претпријатија, како и претставници од невладините „Преда плус“, „Баирска светлина“, програмата „Ромактед“ и месната заедница, на терен се запознаа со активностите кои веќе се преземени, но и зафатите кои што допрва следуваат.

„Со обезбедени средства од над 402.000 денари од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка, во соработка со „Преда плус“ и „Баирска светлина“ како невладини организации, се изведуваат реконструктивни зафати за адаптација на месната заедница, а Општина Битола се вклучува со средства од 450.000 денари. Дополнително ќе бидат приклучени јавните претпријатија „Нискоградба“ и „Водовод“ со свои активности, за да се овозможи урбана и социјална инклузија на жителите од оваа населба. Исто така, на оваа локација се изведуваат реконструктивни зафати на спортското игралиште, со што ќе се овозможат услови за населението од овој дел да има спортски активности. Ќе бидат поставени спортски реквизити, но и клупи, односно целосна адаптација, со цел да се добие пријатно катче за дружење и за спорт. Средствата се обезбедени преку шемата за мали грантови финансирана од Советот на Европа и Европска Унија – РОМАКТЕД Програмата „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“ во вредност од над 540.000 денари, а за некаде околу 30-тина дена треба да имаме друга слика на спортскиот терен. Програмски се движиме во насока да навлеземе во најосновната клетка за урбана вклученост на граѓаните, а тоа е оплеменување на вакви простори, во непосредна близина на местото на нивното живеење.За скоро време, во рамките на битолската општина ќе имаме многу поубави и пооплеменети простори , кои што ќе бидат исклучиво во функција на граѓаните“, рече градоначалничката Петровска.

За локалното население, овие два проекти ќе имаат големо значење, посочи Ремзи Медик од „Баирска светлина“, а Фатма Бајрам, како претставник на програмата „Ромактед“ ја потенцираше потребата од спортскиот терен, со што ќе се овозможи здрав развој на ромските деца во своето соседство.

Во рамките на проектот „Сензибилизација и мапирање на домувањето за Роми“, финансиски поддржан од Швајцарска агенција за развој и соработка, еден од надворешните ѕидови веќе има нов, урбан лик, по цртањето на мурал од страна на Hybrid Minds.

Општина Битола преку проектот „Општинско корисна работа“ финансирана од УНДП, има ангажирано 5 лица од ромската заедница за услуги за поддршка на стари и изнемоштени лица, лица со попреченост други ранливи категории на лица како одговор на справување со пандемијата предизвикана од коронавирусот во општината. Исто така, преку проектот „Креирање можности за работа на сите- Главна фаза”, Општина Битола ангажира 4 лица од ромска националност во тимовите за дезинфекција на јавните објекти и јавните површини во градот во рамките на ЈП „Комуналец“, како и во делот на грижа за чистотата и средување на јавните површини.