РЕНОВИРАНИОТ БЛОК Ц ГИ ПРЕЧЕКА СТУДЕНТИТЕ ВО СТУДЕНТСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА

РЕНОВИРАНИОТ БЛОК Ц ГИ ПРЕЧЕКА СТУДЕНТИТЕ ВО СТУДЕНТСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА

68 студенти од државата кои студираат во Битола, ќе имаат можност во новата академска година да бидат сместени во реновираниот блок Ц во Студентскиот дом „Кочо Рацин“, кој сега нуди далеку подобри услови за престој. Студентскиот дом од сопствени средства го изврши реновирањето на еден од објектите, со помош на дел од јавните претпријатија и стопанските субјекти од регионот.

„Честитки до сите врботени во Студентскиот дом „Кочо Рацин“, затоа што ова е многу значајно за еден град како што е Битола, кој претставува важен универзитетски центар. Создавање на подобри услови за студентите е навистина потребно за ваков град. Овој пример кој што денес го имаме, покажува како треба да соработува локалната самоуправа, централната власт, затоа што покрај средствата кои што ги обезбеди самиот студентски дом за реновирање на блокот Ц, во голема мерка помогнаа јавните претпријатија „Водовод“ и „Комуналец“ во рамките на своите надлежности, а тука помогнаа и РЕК Битола и ФОД. Тоа покажува како може заедно, сплотено, навистина да се направи нешто добро и така мора да продолжиме да функционираме“, истакна градоначалничката Наташа Петровска.

Реновираниот блок Ц е поделен на машки и женски дел, а во собите ќе можат да се сместуваат по две лица, во комплетно уредени простории опремени со нов мебел, како и комплетно реновирани тоалети.

„Иднината е во нашите млади и наша должнот и обврска е да им обезбедиме подобри услови за нивно образование. Блокот Ц ќе ги сместува апсолвентите на факултетските единици. Во иднина планираме да ги реновираме и останатите три блока со помош на ресорното Министерство за образование и наука, Собранието и Владата на РМ“, рече директорката на домот Соња Карапец.

Студентскиот дом „Кочо Рацин“ е единствен од овој вид во регионот и располага со 385 легла, распоредени во четири објекти, а еден од нив е и реновираниот блок Ц. Оние на кои им е наменет реновираниот блок Ц, ја имаа честа свечено да го отворат новото студентско крило.