ПЕТ РУРАЛНИ АМБУЛАНТИ ВО БИТОЛСКО ПОВТОРНО ВО ФУНКЦИЈА

ПЕТ РУРАЛНИ АМБУЛАНТИ ВО БИТОЛСКО ПОВТОРНО ВО ФУНКЦИЈА

Руралните амбуланти во пет населени места во Битолско, кои што некогаш функционирале, но биле затворени и оставени да пропаѓаат, од денес повторно се ставени во функција на локалното население. Медицински тим, составен од доктор и медицинска сестра, во определен термин во неделата, ќе ги отвори вратите на амбулантите за прегледи на локалното население во Доленци, Цапари, Породин, Лопатица и Бач.

„Радосна сум што ова е уште една можност да се прикаже како со добра соработка на локалната самоуправа со ресорнорно министерство, во случајов Министерството за здравство и локалното население, успеавме да ги доближиме амбулантите во пет рурални средини во Општина Битола. На овој начин практично им се олесни на локалното население согласно нивните потреби од здравствената сфера, да ги добијат здравствените услуги во овие пет објекти. Покрај олеснителната околност за локалното население, ќе се растеретат и гужвите кои што ги има во здравствените установи во градот, што претставува взаемен бенефит. Севкупната поддршка која што можеше да ја даде Општина Битола во инфраструктурното уредување, како на пример водовод во амбулантата во селото Породин, целосно ја даваше во сите амбуланти“, рече м-р Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола.

На овој начин преку отворањето на петте рурални амбуланти, на населението му се обезбедува комплетна примарна и превентивна здравствена заштита. Во обновувањето на веќе постоечките амбулантни објекти, голем придонес даде и локалното население, кое се вклучи со помошни активности. Од Здравствениот дом во Битола најавија дека за скоро време ќе биде вклучен и втор медицински тим кој ќе работи во овие амбуланти.

„Начинот на давање на примарната здравствена заштита до сега беше на еден нефункционален начин. Со ставањето во употреба на овие амбуланти, пред се му се враќа приватноста на пациентот при извршување на лекарските прегледи, а со тоа се враќа и достоинството на лекарите, кои досега вршеа прегледи на улици, кантини, во школи за време на летни распусти, ситуација која што навистина не наликуваше на ништо. Засега населението ќе има еднаш неделно отворена амбуланта, но со вработувањето на вториот тим, ќе имаат два пати во неделата функционална медицинска заштита. Покрај прегледите, пациентите ќе можат да добиваат и ЕКГ услуги, мерење на гликемија, консултативни прегледи, а во иднина се размислува и за теренско делување кај немоќните пациенти. Проектот ќе биде во неколку етапи, а ова е само почеток“, истакна директорката на Здравствениот дом Битола, д-р Весна Спировска.

Проектот е во соработка со Министерството за здравство и претставува почеток во развојот на примарната здравствена заштита, односно можноста на секој жител во Македонија да ја добива оваа здравствена услуга.