Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска оствари средба со Проректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ Битола и институционален Еразмус координатор, проф. д-р Марјан Ѓуровски, во функција на унапредување на заедничката соработка.
На средбата се разговараше за продлабочување на соработката на двете институции, особено во насока на зајакнување на капацитетите на студентите со цел да се зголеми нивната конкурентност на пазарот на трудот, по дипломирањето. Како една од можните соработки, беше наведена реализацијата на професионална пракса за студентите во текот на летните месеци, преку која тие дополнително ќе се стекнат со практични вештини.
Проректорот Ѓуровски посочи дека заедничката соработка може уште повеќе да се продлабочи и преку реализација на меѓународни проекти, кои што можат да донесат добробит и развој не само за општината, туку и за граѓаните и студентите на УКЛО.
Градоначалничката Петровска истакна дека Општина Битола и УКЛО веќе имаат реализирано заеднички проекти, но општината секогаш ги нуди своите капацитети за поуспешна натамошна соработка.