Успешната приказна на Ристо-Димитров –Чурин продолжува да се реализира со зголемен интензитет. После постигнатите високи резултати и освоени три места во три дисциплини, како најуспешен репрезентативец дел од македонската самбо репрезентација на турнирот во Беране, Црна Гора, кој истовремено е и Европско првенство за Југоисточна Европа, Чурино и тројцата четвртооделенци – членови на неговиот клуб, денес донесоа нови успеси од Грција.
„Како клуб сме клуб за мешани боречки вештини и мислам дека сме еден од најуспешните клубови во Македонија. Викендов имавме еден голем настан во Грција. Тоа беше во Илијадис купот во џудо и европското во кураж. Иако некои од децата за првпат се такмичеа мислам дека имавме голем успех, донесовме 3 медали“, изјави Ристо Димитров Чурин-претседател на клубот „Игор ММА“ и џудо клубот „Чурин“.
Градоначалникот на општина Битола, денеска одржа средба со овие успешни млади луѓе, кои пак во знак на благодарност за искажаното внимание и поддршката од општината, на градоначалникот му врачија благодарница.
„Викендов во Аминдео во соседна Грција се одржа еден многу убав настан, на кој овие наши малечки сограѓани ни донесоа по еден медал. Имаше натпревар каде што тие ги покажаа своите вештини во присуство во нивните категории на деца од над 20 тина земји, што значи дека успехот е навистина голем“, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески на денешната прес конференција, нагласувајќи дека повод за денешната средба со овој состав е токму долгогодишниот сон на Чурино, кој е еден од ретките кој во шест различни спортови освоил повеќе медали.
Градоначалникот им честиташе за успесите и за следниот период најави промоција на други успешни достигнувања во други спортови, со други спортски екипи, нагласувајќи го и континуираниот влог на општината како во развојот на спортот, така и во подобрувањето на инфраструктурата на спортските објекти.