ЛУМАНОВСКИ И НЕГОВИОТ БЕНД КАЈ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА

ЛУМАНОВСКИ И НЕГОВИОТ БЕНД КАЈ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА

Непосредно пред големиот концерт кој вечерва треба да се одржи во античкиот локалитет Хераклеа во рамките на БИТ ФЕСТ, виртуозот на кларинет Исмаил Лумановски заедно со членовите на групата „Њујорк џипси ол стар“, беа примени од градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

„Исмаил Лумановски нагласуваше уште за време на преговорите дека неговата животна желба за концерт е Хераклеа. Неговата музика и тој како личност е нешто со кое можеме да се гордееме ние како битолчани. Мислам дека ова вечер ќе биде спектакуларен настан и дека токму во Хераклеа ќе уживаме во звуците на музиката која што ќе ни ја понудат“, рече градоначалничката м-р Наташа Петровска.

Лумановски, видно возбуден, нагласи дека секогаш кога настапува пред својата домашна публика, бидејќи е родум од Битола, чувствува и возбуда и трема, но и огромно задоволство, затоа што своето музицирање може да го сподели со своите сограѓани.

„За ова сонував цел мој живот. Тука сме заедно со целиот мој бенд. Имаме подготвено таква програма која што е соодветна за Хераклеа, место со долга историја и неверојатна енергија. Ќе настапиме со оригиналните композиции од нашиот прв и втор албум, како и со неколку нови композиции кои што за прв пат ќе бидат изведени во Битола, преработки на македонски теми. Ќе има и специјални гости, кои ќе бидат изненадување за публиката “, истакна Лумановски.

Иако временските услови во претпладневните часови не ветуваа дека е можно да се одржи концерт на отворена локација, организаторот на концертот Радио Б-97 посочи дека останува реализацијата на првично предвидената локација, античкиот локалитет Хераклеа.