АДАПТАЦИЈА НА СПОРТСКИТЕ ТЕРЕНИ ВО ОУ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“

АДАПТАЦИЈА НА СПОРТСКИТЕ ТЕРЕНИ ВО ОУ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“

Започна адаптацијата на спортските терени во дворот на ОУ „Св. Кирил и Методиј“. По 40-тина години без никакви интервенции на терените, на децата ќе им биде овозможено да имаат часови по физичко образование на нова површина и со соодветно поставена опрема.

„Се наоѓаме во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“, во истото, во кое што своевремено делувале и Ѓорѓи Сугарев и Даме Груев. Училиште, во кое што 40-тина години немало градежни зафати на надворешната површина и кое што со сегашните активности целосно ќе биде санирано спортското игралиште, во делот на асфалт, но и во делот на стативи, кошеви, хортикултурно уредување, како и мрежата околу самото игралиште. Ова место, треба да наликува на многу поубаво место и катче за нашите најмили, во едно од училиштата кое се наоѓа во централното градско подрачје со голем опфат на ученици и кое што заслужува подобри услови“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

На стартот од градежните активности во спортскиот дел од училиштето, чија вредност е 2.000.000 денари, градоначалничката уште еднаш потенцираше дека оваа локална самоуправа успеа да го врати енормно големиот долг на училиштата, но и да вложува во нив.

„Чекор по чекор покажавме дека не само што ги извлековме училиштата од долгови, туку и успеавме за многу краток период да влеземе со инфраструктурни зафати, кои што се исклучително значајни за да имаме амбиент каков што доликува на образовните институции“, посочи Петровска.

Директорот на училиштето Душко Костовки, го истакна значењето од овие реконструктивни зафати и бенефитот кој ќе го имаат над 450 ученици во ова основно училиште.

„Ова беше првото ветување на градоначалничката за ова училиште и не се сомневавме дека ќе се реализира, а денес започнаа градежните работи. Училиштето добива сосем нов лик, ќе се подобри и наставата по физичко воспитување, а ќе се подобри и сигурноста за учениците и жителите кои гравитираат околу училиштето“, потенцираше Костовски.

Градежните работи на спортските терени со изведувачот се предвидени да траат 30 работни денови.

SONY DSC