БИТОЛА ПОДГОТВЕНА ЗА 35 ИЗДАНИЕ НА ИФФК БРАЌА МАНАКИ

БИТОЛА ПОДГОТВЕНА ЗА 35 ИЗДАНИЕ НА ИФФК БРАЌА МАНАКИ

Тројцата оскаровци, светски познатите: актерката Жулиет Бинош и кинематограферите Лука Бигаци и Крис Менџис, за прв пат од одржувањето на ИФФК „Браќа Манаки“, во ист момент – на отворањето на фестивалот ќе бидат во Битола.
„Тројцата оскаровци немаат посебни барања и посакаа во раните утрински часови да ја прошетаат, погледнат и запознаат Битола. Мислам дека годинава имаме најдобра фестивалска програма“, изјави Лабина Митевска на денешната прес конференција во општина Битола.
Општина Битола е максимално подготвена да ги пречека сите гости кои за време на фестивалот ќе дојдат во Битола. И оваа година, побарувачката за влезници за филмските проекции на отворањето и втората фестивалска вечер е огромна:
„Фестивалот се движи по нагорна линија и затоа постои голем интерес за највредното културно случување во Република Македонија. Имаме капацитет да бидеме добри домаќини, вклучени се сите локални јавни претпријатија и сме мобилизирани. Во Битола се случува празник.    
   Филмскиот израз е универзален и тој овозможува да бидеме интересни и привлечни за гости од  различни меридијани на светот“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески
ИФФК „Браќа Манаки“-Битола почнува во сабота навечер и ќе трае до 19 Септември.