СОСТАНОК НА КРИЗНИОТ ШТАБ ВО БИТОЛА

СОСТАНОК НА КРИЗНИОТ ШТАБ ВО БИТОЛА

После големиот број активности во текот на вчерашниот ден на сите членови на кризниот штаб во Пелагонискиот регион, денес кризниот штаб повторно одржа координативен состанок. Екипите се подготвени за евакуација доколку биде потребна, а преку Црвениот крст се обезбедени се услови за пренесување на болните кои се на дијализа. Вчера, излевање на вода настана кај Кравари, Егри, Општичари и Кременица, каде се вршеше испумпување на водата, главно поради проблеми со одводните канали кои дополнителни ги затвориле мештаните. Со механизација интервенираа градежните фирми и јавните претпријатија и во селата: Долно Оризари, Карамани, Трн и Логоварди. Регионалниот и општинскиот кризен штаб функционираат заедно и подготвени се да се соочат со проблемите кои се очекуваат до крајот на денот:
„Досега имаме информација дека паднато е нивото на реката Црна, како и на реката Драгор што на прв поглед изгледа дека се би требало да биде во ред. Но, Кризниот штаб ме информира за една ситуација која што бара будност во текот  на целата седмица. Се работи за пробивање на коритото кај Тројкрсти, каде што има излевање на реката Црна поради големите количини кои што доаѓаат од таа страна, а исто така и кај Лознани. Но, морам да Ве информирам и за следното: Под услови кога сите канали би биле во ред, количината на вода и снег, која што во моментов постои, капацитетот на одливните канали и реката Црна не се доволни да ги прифатат сите води. Во овој момент количината на вода која што треба да дојди преку овие канали во реката Црна е поголема од капацитетот на се заедно. Значи, има излевање и во полето. Кризниот штаб информираше и дека е можно за неколку часа денеска, повторно преку полето да има една критична точка на зголемен доток на води. Тоа е некаде кај Трн и Карамани“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Сите екипи на кризниот штаб се на терен, а се интервенира зависно од состојбата со прегради со вреќи, насипи, испумпувања на вода, односно со сите средства со кои човечкиот фактор може да придонесе за спречување на поголема опасност.