Амбасадорот на државата Израел за Република Македонија, со седиште во Загреб, денес оствари посета на општина Битола. На средбата, главен акцент беше ставен на економскиот развој на општината:
„Големо задоволство е да се посети град со вековна историја, исто така ми беше големо задоволство што можев да научам за плановите на градоначалникот да го претвори градот во филмски град, како и индустриски центар со помош на индустриската зона. Се радувам на потенцијалот да се развие овој град што повеќе и да се зајакнат односите помеѓу нашите две земји. Битола беше важен центар на еврејското живеење, на крајот на минатиот век тука имаше околу 10 % евреи што живееја, го развиваа животот и особена чест е да се научи повеќе за овој град, за неговото минато и особено за неговата иднина“, изјави Јоси Амрани, амбасадор на Израел.
Амбасадорот Амрани во Република Македонија, деновиве ќе оствари посета на неколку општини, а денешната посета на Битола е една од позначајните средби кои се реализиираат во општината со цел понатамошна афирмација и развој на општина Битола.
„Наше големо задоволство е што амбасадорот се одлучи да ја посети и Битола, каде што денеска ќе помине повеќе време. Освен нашата заедничка средба, амбасадорот пројави интерес да ја посети индустриската зона „Жабени“ за која што и претходно знаеше, а ќе има средба и со дел од нашата регионална стопанска комора. Се интересираше за капацитетите, потенцијалите на нашата општина, во делот на земјоделието, стопанството, културата, образованието, географските поволности итн. Направивме една голема анализа заедно и убеден сум дека ваквите контакти ќе придонесат за да направиме директни контакти со потенцијални инвеститори и од другите земји. Верувам дека оваа средба многу ќе помогне повторно за афирмација и понуда до потенцијалните инвеститори да дојдат и да инвестираат во Битола. Тоа е всушност во насока на реализација на неколку наши крајни цели кои ги имаме поставено од кои врвна цел е развојот на општината преку условите кои им ги даваме на потенцијалните инвеститори за инвестиции во Битола и Република Македонија со што сакаме да влезиме во директно решавање на еден од најсуштествените, најгорливите проблеми на долготрајната транзиција во Република Македонија – невработеноста. Битола е една успешна приказна за тоа како општините успешно се справуваат со тој проблем. Чест ми е што амбасадорот пројави желба токму Битола да ја посети како еден од најдобрите примери во регионот, токму за решавање на овој проблем и создавање услови за решавање на ваквиот тип на проблеми кои што се појавуваат во општините, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.