ЗАВРШИ ИЗГРАДБАТА НА СКЕЈТ ПАРКОТ ВО БИТОЛА

ЗАВРШИ ИЗГРАДБАТА НА СКЕЈТ ПАРКОТ ВО БИТОЛА

Уште една спортска содржина од денеска го збогатува градскиот парк во Битола. Во најкраток рок завршена е изградбата на скејт паркот во Битола кој денес и официјално беше пуштен во употреба. Скејт паркот  е наменет за професионални скејтери и за рекреација со скејт борд, ролери и велосипеди. Елементите кои го сочинуваат скејт паркот се изведени според потребните стандарди за ваков тип објекти и барањата на скејтерите од Битола. Општина Битола издаде архитектонско – урбанистички и основен проект за изградба на скејт парк, а битолската млекарница инвестираше во неговата изградба:
„Ние сме еден од најстарите брендови во Република Македонија, една од најстарите фирми во Битола и како општествено одговорна компанија на овој начин сакавме да ја изразиме нашата должност кон градот, кон афирмирање на некои дејности како што е урбаната култура, а скејтот денес знаеме сите дека припаѓа на урбана култура, ја поттикнува на правилен начин и убаво е да се развива еден друг вид на спортски дух. Ние кога бевме мали се играше само кошарка и фудбал, меѓутоа денес децата сакаат скејт. И ете едноставно одлучивме да влеземе во овој проект заедно со Општина Битола која овозможи сите средства да бидат насочени на правилно место и да се направи еден убав скејт парк. Изградбата чинеше нешто повеќе од 1 милион денари и сигурно дека ова е почеток на соработката со нашата општина. Сигурно е дека ќе има и други проекти во иднина, а за тоа ќе се договориме заедно со општината и сигурно ќе најдеме начин да реализираме уште вакви проекти, изјави Златко Најдовски, директор на битолската млекарница.    
Здружението за алтернативни спортови од Битола кое брои околу 1000 членови од сите генерации, на денешниот настан изрази огромно задоволство и благодарност за реализацијата на овој значаен проект.
„Нашиот клуб се занимава со алтернативни спортови, дали биле летни или зимски. Прво треба да се заблагодарам на директорот на млекарата и на нашиот градоначалник што ни овозможуваат да можеме да напредуваме во алтернативните спортови и се надевам дека во иднина ќе имаме многу проекти и ќе бидеме поуспешни во алтернативните спортови. Ние како значително млад клуб имаме многу проекти и доста успеси. Во овие 2 – 3 недели на овој скејт парк планираме да организираме натпревар, кој ќе биде од поголеми размери и ќе вклучи натпреварувачи од цела Македонија. Броиме околу 1000 членови, а возраста не е важна. И од најмала возраст доколку се талентирани можат да се занимаваат со овој спорт, изјави Кочо Мушуланов, заменик претседател на здружението за алтернативни спортови од Битола.
Градоначалникот Талески најави дека и во идниот период продолжува континуираната работа и реализација на најавените проекти:
„Продолживме со она што го имавме започнато како програма и секако и она што е дел од изборната програма што ја презентиравме пред нашите граѓани во текот на изборната кампања. Имавме проекти кои што беа започнати, дел од нив се завршени, а започнати се и нови. Овој проект е завршен во рекордно време, но морам да кажам дека тоа е благодарение на битолската млекарница. Пред неколку години тие изразија добра волја да донираат во дел од она што значи некаква инфраструктура, спортска или културна содржина во Општина Битола. Заеднички се договоривме, првата нивна инвестиција да биде за една ваква содржина, бидејќи ова беше на барање на младите кои што сакаат ваков скејт парк во Битола. Ние бевме подготвени за една ваква инвестиција и тоа за неполни два месеци е завршено. Направивме детален урбанистички план, во опфатот на оваа маркица ги имаме овие содржини, подготвени сме и за другите содржини. Реализирано е ќумурното игралиште, а сега одиме чекор понатаму, сега правиме инфраструктура и таму ќе биде поставена вештачка трева, завршена е малата сала во спортската сала, а реализиран од најавените проекти е и проектот за изградба на три нови тениски игралишта, изјави Градоначалникот на Општина Битола, М-р Владимир Талески.
Скејт паркот е дел од спортскиот комплекс под Тумбе кафе, каде во идниот период ќе бидат реализирани и другите најавени големи проекти, за кои во тек е изработка на документација и изнаоѓање начини за нивно финансирање.