СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ И АМБАСАДОРОТ МАСИМИНО БЕЛЕЛИ

СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ И АМБАСАДОРОТ МАСИМИНО БЕЛЕЛИ

Амбасадорот на Република Италија во Република Македонија Ернесто Масимино Белели денес оствари прва официјална посета на општина Битола и се сретна со градоначалникот Владимир Талески со кого разговараа за повеќе теми од надлежност на локалната самоуправа.
Во идниот период ќе биде интезивирана соработка во неколку области по кои е препознатлив овој историски значаен град, најави италијанскиот амбасадор за време на денешниот престој во Битола.
„Италија и Македонија се блиски земји, врските меѓу нашите два народи се многу големи, а по денешната средба со градоначалникот Талески мислам дека имаме големи можности за соработка со Битола. Утврдивме дека можеме да соработуваме во секторот култура, изучување на италијански јазик, учество на Битола во филмската продукција и копродукција што ја реализираат двете држави и создавање услови за работа на италијанските фирми и претприемачи со посебен фокус во земјоделскиот сектор, рече амбасадорот Белели.
Општина Битола набрзо очекува отворање на италијански конзулат, директна соработка во реализацијата на проектот „Филмски град“ и италијански инвестиции кои ќе овозможат нови вработувања.
„Италија недостига во средината на почесни конзулати и збратимени градови со кои соработува Битола. Имаме конкретни предлози и очекувам наскоро да имаме почесен конзулат и нов збратимен град од нивната држава. На денешната средба го информирав амбасадорот за инвестициите во индустриската зона „Жабени“ и исто така верувам дека во иднина ќе соработуваме со државата која има највисок процент на културно-историско богатство во светот а тоа е Италија, изјави градоначалникот Талески на новинарско прашање по завршувањето на денешната средба.