ЕВРОПСКИ ПРОЕКТ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

ЕВРОПСКИ ПРОЕКТ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Oпштина Битола во согласност со своите стратешки цели како што се заштита на животната средина и создавање на услови за креирање на нови работни места во соработка со своите партнери од Грција, општинската компанија ДЕТЕПА од Аминтео и Технолошкиот образовен институт од Кожани одлучи да аплицира за искористување на ЕУ фондовите од третиот повик од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција. На овој повик Општина Битола аплицира со проектот“Заштита на животната средина преку промоција на биомаса за замена на фосилните горива во постројки за греење и електрична енергија” со акроним   BIOFOSS. Вкупен буџет на проектот со кој е аплицирано е 538902 евра од кои 183502 евра се предвиден буџет за Општина Битола. Апликацијата е поднесена септември 2013 година. а проектот е одобрен април 2014 година.
„Соработката со општини и организации од соседна Грција ни овозможи да обезбедиме повеќе ЕУ-проекти. Во изминатиот период ги реализиравме проектот „Телетерм“, „Фајршилд“, реконструкцијата на улици, проектот „Културни индустрии“ и проектот за обнова на Домот за стари лица „Сју Рајдер“. Со најновиот проект ќе обезбедиме заштеди за греењето во спортската сала „Младост“ каде ќе бидат поставени посебни инсталации, истакна градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Во рамките на проектот предвидено е со мини пелет линијата да се изработуваат пелети од отпадна биомаса од градското зеленило и истите да се употребат за задоволување на дел од потребите од топлинска енергија и санитарна топла вода во Спортската сала Младост  со што покрај главната цел се постигнува уште неколку важни стратешки цели на Општина Битола како што се создавање на услови за отворање на нови работни места, подобрување на условите за работа на спортистите како и заштеда на финансиски средства и енергија.
Со имплементирање на проектот очекуваме дирекни ефекти за Општина Битола со што многу ќе се допринесе за заштита на животната средина но и ќе се намалат трошоците за топлинска енергија за околу 30.000 евра годишно за Спортска сала Младост во Битола, ќе се добие квалитетно решение за загревање на санитарна топла вода потребна за туширање на спортистите и ќе се отворат 3 до 4 работни места.
Со реализација на проектот покрај дирекни ефекти кои веднаш даваат резултат  очекуваме дека во наредните години ќе се иницира отворање на 25 до 30 нови работни места дел во производство на биомасен енергенс дел во инсталирање и одржување на опрема за искористување на биомасата како енергенс. Исто така очекуваме  и подобрување на локалната економија за минимум 600.000 евра годишно од кои дел се во делот на производство на биомасата и дел во дел на заштеда за енергенс кај крајните корисници, така што со сето ова значително се допринесува за заштита на животната средина и енергетска стабилност на Општина Битола и регионот.

Проектот „Заштита на животната средина преку промоција на биомаса за замена на фосилните горива во постројки за греење и електрична енергија-БИОФОСС“ во соседна Грција ќе биде применет во основното училиште во Лехово.
„Паралелно со овој проект, на ЗК „Пелагонија“ им издадовме дозвола за градба на две гасни централи за две краварски фарми во Логоварди и Породин. Во овие фарми ќе се врши преработка и употреба на органски отпад од растително и животинско потекло. Наскоро ќе се гради уште една млекарница во индустриската зона „Жабени“ и 4 други фабрики во кои секако ќе има нови вработувања“, изјави градоначалникот Талески.