ДОФАТИ ГО ДЕТСКИОТ СОН

ДОФАТИ ГО ДЕТСКИОТ СОН

Предновогодишната атмосфера во Битола веќе се чувствува. Денеска како дел од програмата на здружението за екологија, туризам и претприемништво „Битола бренд“, а со поддршка на Општина Битола беше отворена изложба на детски ликовни творби изработени од учениците од сите основни училишта во Битола во рамките на проектот „Дофати го детскиот сон“. Како дел од овој проект, а во рамките на новогодишната програма на Општина Битола изработена е едиција на разгледници од ликовните творби „со љубов за Битола“. Преку овие разгледници Градоначалникот на Општина Битола на сите првооделенци во општината ќе им ја честита Новата година и Божиќните празници. Дел од денешната програма на ова здружение беше и аматерската театарска претстава „Заги – туристички водич“ преку која беше пренесена порака која се однесува на големото културно историско богатство кое го поседува и негува Битола, а за што потврдува и значајната награда која ја доби Општина Битола на саемот во Лугано Швајцарија – најпрестижна дестинација на Балканот за културно наследство и фестивалски програми.

„Ја поддржуваме ваквата иницијатива на здружението „Битола Бренд“ со која до израз доаѓа како нивната креативност, така и креативноста на нашите најмили – децата. Им честитам за одличната организација и им посакувам уште многу вакви успешни проекти“, изјави Градоначалникот на Општина Битола м-р Владимир Талески.

Ликовните творби од денешната изложба ќе го красат просторот на онколошкото одделение при Клиничката болница од Битола, а здружението „Битола Бренд“ со ваквите активности идниов период планира да донира средства за изградба на куќичка со забавен карактер во битолската зоолошка градина.