БИТОЛА ДЕЛ ОД ЕКО – АКЦИЈАТА „МАКЕДОНИЈА ЗЕМЈА НА РОЗИТЕ“

БИТОЛА ДЕЛ ОД ЕКО – АКЦИЈАТА „МАКЕДОНИЈА ЗЕМЈА НА РОЗИТЕ“

По повод Денот на пролетта 21 – ви март, денеска и во Битола се реализира еко – акцијата за засадување на рози. На територијата на општина Битола ќе бидат засадени 2000 рози, распоредени на повеќе јавни зелени површини. Градоначалникот на општина Битола, дел од советниците од советот на општината и други граѓани се вклучија во оваа акција со засадување на рози на новиот кружен тек кај новоизградениот мост на Црн мост во Битола:
„Се наоѓаме на мостот Црн мост – едно од најубавите места во општина Битола, мост за којшто локалната самоуправа најде начин и финансиски средства. Направивме нов мост со кружен тек којшто денеска на првиот пролетен ден го засадуваме со рози. Во акцијата се вклучени сите граѓани и ние со нашите јавни претпријатија. На овој дел и на булеварскиот влез од страната на Скопје ќе бидат засадени 1000 садници, а останатите 1000 ќе се распоредат низ целата површина на општината. Исто така, денеска започнуваме и голема акција за чистење со која се опфатени 8 депонии, но акцијата ќе продолжи и понатаму во текот на пролетта“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Акцијата за засадување на розите се реализираше и на булеварскиот влез во Битола од страната на Прилеп, каде што ЈКП Комуналец инсталираше систем за наводнување капка по капка:
„Првиот аспект од бенефитот на розите е тоа што имаат можност да апсорбираат тешки метали преку воздух, вода и почва и да произведуваат чист кислород, како и визуелниот аспект односно разубавување. Во оваа акција акцентот го ставивме на Црн мост и Булеварскиот влез во Битола каде што последниве неколку дена за првпат ставивме автоматизиран систем со кој во одредени интервали за првпат е поставен системот капка по капка, овие неколку дена го тестиравме – доста е успешно, а во идниот период ќе биде поставен и на други локации“, изјави Зоран Соклевски, директор на ЈКП Комуналец Битола
Во денешната акција се вклучија и учениците од основните училишта во општината кои преку продажба на своите цветни креации ќе соберат средства со кои ќе набават рози за засадување во своите училишни дворови. Во текот на денешниот ден јавните претпријатија и други градежни фирми учествуваат во расчистување на лоцираните диви депонии на 8 локации во градот меѓу кои: Тепсија, Петочна вода, Градски стадион, патен правец М5, на патот кон Прилеп, ул. Јане Сандански и ул. Никола Тесла.