АКЦИЈАТА „ДЕН НА ДРВОТО“ УСПЕШНО РЕАЛИЗИРАНА ВО БИТОЛА

АКЦИЈАТА „ДЕН НА ДРВОТО“ УСПЕШНО РЕАЛИЗИРАНА ВО БИТОЛА

Акцијата „Ден на дрвото“ успешно се реализираше и во општина Битола. Утрово, активностите започнаа од паркот кај градското шеталиште, а продолжија кај Ротински превој. Покрај граѓаните, во акцијата се вклучија и градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески и пратеникот Зоран Илиоски.
„Оваа година првпат организирано засадуваме и во урбаниот дел. Поделени се над 300 дрвца со кои ќе се разубавува урбаниот дел, овде кај градското шеталиште, над Веро, кон Брусник и кај Мал Париз. Во овој дел сме организирани заедно со ЈП Комуналец, а кај Ротино акцијата е во соработка со Македонски шуми и во организација на Владата на РМ“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, нагласувајќи дека општината продолжува со сите еколошки мерки согласно одлуките на Советот и програмата на општина Битола.
Оваа акција е 14 по ред, а досегашните веќе покажаа голема успешност.
„Преку оваа акција Владата на Република Македонија покажува дека се грижи за екологијата во Македонија, бидејќи покрај законите кои што ги носи во насока на подобрување на условите за здрава и чиста животна средина и на дело покажува дека спроведува активности кои што директно влијаат на здравјето на граѓаните во Република Македонија“, изјави Зоран Илиоски, пратеник од ВМРО ДПМНЕ.
Во акцијата „Ден на дрвото“ активно е вклучено и јавното претпријатие Комуналец од Битола.
„На денешната акција организирана од Владата на Република Македонија, вклучени сме на неколку локации од градот со засадување на 300 садници на листопадни и зимзелени дрвца. ЈП Комуналец во текот на годината подарува на основни и средни училишта, урбани и месни заедници над 500 до 1000 садници, а прифатеноста е навистина голема. Во рамките на оваа акција само во текот на вчерашниот и денешниот ден 300 садници бесплатно им се доделени на стопанственици, а распоредени се и на неколку локации во градот“, изјави Зоран Соклевски, директор на ЈП Комуналец.
Акцијата продолжи кај месноста Ротински превој во близина на раскрсницата Ротино, Цапари и Лера каде сите заинтересирани граѓани имаа можност да стигнат со организиран превоз. Во оваа акција се засадуваа 187 000 садници: црн, бел бор и јасен на површина од 94 хектари.