НОВОГОДИШНА ЧЕСТИТКА И ОТЧЕТ ОД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

НОВОГОДИШНА ЧЕСТИТКА И ОТЧЕТ ОД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

Со најубави новогодишни желби за добро здравје и многу успеси, Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески денеска на традиционална предновогодишна средба со новинарите поднесе отчет за неговата и работата на локалната самоуправа во 2014 година.
2014 година е успешна затоа што реализирана е планираната програма, исполнети се дадените ветувања во сите сфери на општественото живеење, а како најзначаен, градоначалникот го оцени проектот „Стара касарна“ кој претставува најголемото градилиште во општината.
„Во старата касарна интензивно се работи и денес. Се градат станбени објекти, трговски центри и објекти за индивидуално домување. Ние имаме обврски во изградбата на инфраструктурата која е вградена во три детални урбанистички планови и затоа ќе продолжиме да инвестираме. Особено градежните активности продолжуваат и во 2015 година“, рече градоначалникот.
Општина Битола во 2014 година евидентира големи инвестициски резултати во индустриската зона „Жабени“, сообраќајната инфраструктура, локалните улици и патишта, образованието, спортот, социјалната заштита, а беше изграден и вселен новиот дом за стари лица „Сју Рајдер“, нагласи градоначалникот на средбата со новинарите во Битола.
„Очекувам проектот „Топлификација“ кој го изработуваат во ЕЛЕМ да биде завршен кон крајот на месец февруари, а потоа да биде објавен тенедер за негова реализација. Проектот топлификација опфаќа три општини и ќе се реализира од страна на ЕЛЕМ во фази. Со оглед дека станува збор за исклучително голем и важен проект, очекувам и големи и важни ефекти во заштитата на животната средина, нагласи Талески.
Општина Битола очекува во 2015 година да биде отворен нов почесен конзулат за што најава има од Австрија, како и конкретизирање на соработката со кинескиот град Нингбо.