Синоќа во Битола во Центарот за култура, како дел од битолско културно лето “Битфест”, беше промовран документарниот филм “НАШЕТО ЧУДО НА ПРИРОДАТА – ПЕЛИСТЕР” по сценарио на Каролина Николоска, а во режија на Анета Шијакова. Филмот се фокусира на природните убавини на Пелистер, но и на неговата авантуристичка страна откривајќи каде македонските алпинисти се подготвуваат за освојување на највисоките врвови на светот, бидејќи Баба Планина има вистински алпски карактер и е поедеднакво атрактивна како швајцарските алпи.
Филмот нуди прошетка се до врвот на 2601 метар надморска височина, а дел е посветен на двете глечерски езера, пелистерски или горски очи, кои заедно со пештерата Врело и Охридското Езеро беа ставени на листата за нови седум чуда на природата.
Филмот ја пренесува и приказната за моликата и за Август Гризебах, првиот ботаничар кој ја посетил оваа планина и открил нови видови за науката.
Како дел од истиот проект, снимени се и атрактивни фотографии од Пелистер од кои се продуцирани електронски разгледници со цел промоција на Пелистер низ светот.
Проектот е поддржан од градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески и општина Битола во рамките на Битфест 2014.