БИТ ФЕСТ: ИЗЛОЖБА:ОМЕР КАЛЕШИ

БИТ ФЕСТ: ИЗЛОЖБА:ОМЕР КАЛЕШИ

Во Завод и музеј беше отворена изложбата на Омер Калеши – автор со меѓународно реноме, кој зад себе има голем број самостојни и групни презентирања низ целиот свет.
Неговото потекло е од нашата Македонија, роден е во кичевското село Србица, 1932 година, а дипломирал на ликовната академија во Истанбул, Турција. Од Турција животниот пат го одвел во Франција, каде што и ден- денес живее и твори.
Калеши иако повеќе од половина век живее во срцето на Европа, во Меката на уметноста, Париз, никогаш не ги заборавил своето потекло и своите корени црпејќи ја
инспирацијата за своите дела токму од овие краишта, од Балканот, од својот народ. Во
неговите дела провејува постојано балканската драма, а негов модел е самиот негов живот. Животната филозофија на Калеши ги надминува границите на сите религии што ги разединуваат луѓето, тоа е филозофијата што доминира во неговите слики. Таа редица од „глави“, насликани со бојата на крвта, се сликани од еден живот, тоа е бескрајна приказна за историјата на балканските радости и страдања. Во неговите слики се мешаат сликарството и татковината, потсвеста и реалноста, но најмногу од се доминира космополитизмот како симбол на неговиот дух. (Халиде Палоши, директор Националната галерија на Македонија)