По четврти пат во Битола, вчеравечер се одржа Бела ноќ или Широк Сокак во бело. И оваа година битолчани уживаа во добра забава која започна во 21.00 часот со вистинско загревање со ДЈ Боца, ДЈ Андреј Гошев и легендарниот ДЈ Ацика кој што воедно синоќа стави крај на својата ДЈ ска кариера. Годинава за забавата да биде на највисоко ниво се погрижи светски познатиот Дј и продуцент од Германија ТОМ НОВИ кој пред настапот во телевизиско интервју зборуваше за своите импресии од прекрасната Битола.
„Во Битола сум првпат. Овој настап е дел од мојата турнеја во регионот. Секој втор викенд сум на Ибица и сега доаѓам оттаму така што и после Битола сум таму. Неодамна го промовирав мојот нов албум кој го промовирам на моите настапи. За македонската диџеј сцена можам да кажам дека е доста развиена и имате одлични диџеи,почнувајки од диџеј Ацика кој денес ќе ја загрее атмосферата пред мојот настап па се до многу други имиња. За журката денес единствено луѓето треба да имаат добра волја за забава“, изјави Том Нови.
И битолчани покажаа дека имаат многу повеќе од добра волја. Најамбиенталната улица, Широк Сокак беше преполна од гости, чија бројка според проценките е близу 10 000 граѓани, сите заедно на една забава во бела боја.
Белата ноќ се покажа доста атрактивна за сите граѓани од Битола, но и од Република Македонија, како и гости од странство кои во голем број доаѓаат на оваа манифестација од нејзиниот почеток. Изминатите години на „Широк Сокак во бело“ гостуваа големите и светски познати имиња како Кирил Џајковски, Дејвид Моралес, Хернан Катанео. Идната година, белата ноќ одбележува еден мал петгодишен јубилеј за кој веќе се подготвуваат повеќе изненадувања.
И оваа година, настанот „Широк Сокак во бело“ беше дел од програмата на најдолгото и најсодржајно културно лето во општина Битола – БИТ ФЕСТ 2014 кое се реализира под покровителство на градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески. Свеченото затворање на фестивалот е во петок на 29 август со концерт на Владо Јаневски во амфитеатарот Хераклеа.