Во античкиот локалитет Хераклеја со концертот на познатиот филмски и театарски актер, поет и шансониер од некогашните југословенски простори Раде Шербеџија и составот Западни колодвор бенд, синоќа официјално стартуваше најдолгото културно лето во Македонија Бит фест, Околу 3000 посетители го исполнија амфитеатарот во Хераклеја, а почетокот на осмото издание на најбогатото културно лето според квалитет и квантитет, го означи покровителот на фестивалот Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески кој ја најави богатата програма за следните два месеци, за чиј што квалитет најдобра потврда е синоќешното задоволство од публиката. Голем број аплаузи, весела атмосфера и голема хемија и интеракција со публиката се само дел од синоќешните импресии кои можат да се пренесат од свеченото отворање на БИТ ФЕСТ 2013.
„Јас сум вистински драмски актер, така што и кога пеам навистина ми е лесно кога настапувам во еден вистински амфитеатар. Во Битола сум настапувал неколку пати и секогаш ми е најтешко кога настапувам тука затоа што македонците пеат најубаво од сите. Тоа е голем суд, така што мораш посебно да внимаваш на секоја интонација. Кога го изгубив својот театар, кога почна војната, јас тогаш заминав од оваа, онаа земја и престанав да глумам во театар, а тоа ми недостасуваше. Ми недостасуваше тој контакт со публиката…и потоа почнав сам да пишувам песни, да работам, токму поради тоа да имам повторно контакт со својата публика“, изјави Раде Шербеџија пред почетокот на концертот, а публиката потврди дека Шербеџија навистина го прави тоа – воспоставува голема интеракција.
Специјален гостин на вечерта, кој беше изненадување за битолската публика беше Влатко Стефановски кој атмосферата ја издигна до максимум. Очекувањата на Покровителот на фестивалот од овој настан беа големи, а исклучителниот концерт го потврди тоа:
„Навистина ми е голема чест да бидам заедно со Раде вечерва. Раде е актерот кој што беше пример за сите нас – многу генерации, човекот кој што постигна светска – интернационална популарност, човекот кој што многу ни значи на сите…и јас сакам многу да му се заблагодарам на Раде, што не удостои со своето присуство да го отвориме БИТ ФЕСТ, овде во вечната и единствена Хераклеја Линкестис во Битола. Вечерва започнува најдолгото културно лето во Република Македонија, со најголем број содржини, односно 242 настани за 60 дена. Почнуваме со Раде Шербеџија и мислам дека тоа е една голема придобивка и мислам дека токму тој со своето лично присуство дава исклучително значење на нашиот фестивал. Битолчани ќе можат масовно да присуствуваат на овој концерт, да ги слушнат вечните стихови на Раде Шербеџија, затоа што тоа во Хераклеја звучи навистина автентично. Влезот е слободен. Секој што ја сака уметноста, драмската уметност, поезијата, музиката, секој што го сака Раде Шербеџија, светската филмска ѕвезда,вечерва ќе доживее пријатни мигови со сето она што значи БИТ ФЕСТ, поезијата, музиката и драмската уметност на едно место, изјави градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески, пред почетокот на концертот на Раде Шербеџија и Западни колодвор бенд.
Спектакуларен огномет и „Битола мој роден крај“ го означија крајот на оваа вечер за паметење за која уште долго ќе се раскажува како за прекрасен вовед во културните настани кои следуваат. Ова лето, општина Битола преку осмото издание на БИТ ФЕСТ ќе понуди над 242 настани и тоа: концерти на класична музика, поп, рок-концерти, филмски проекции, театарски претстави и фестивали, саеми на книга, музичко-сценски перформанси, промоции, изложби, фолклорни настани, детски фестивали и многу други настани кои ќе се одржуваат два месеца во културните објекти на Битола и на други алтернативни простори. Новина годинава е одржувањето на првиот „Шекспир фестивал”, кој ќе се одржува од 19 до 22 јули, а на кој ќе учествуваат шест претстави од Србија, Америка, Албанија, Финска, а се очекува е гостување и на Националниот театар од Пекинг, со претставата „Ричард Трети”.