БИТФЕСТ 2013 – КОНЦЕРТ НА ХОРОТ „МОИС ХАСОН“ ПРИ ЕЗРМ

БИТФЕСТ 2013 – КОНЦЕРТ НА ХОРОТ „МОИС ХАСОН“ ПРИ ЕЗРМ

 

Во Културниот центар Магаза пред огромен број посетители се одржа концерт на хорот „Моис Хасон“.
Камерниот хор на Еврејската заедница во РМ го носи името на талентираниот еврејски диригент и композитор Моис Хасон (1913-1943). Тој  бил особено активен во зачувувањето и негувањето на сефардската музика и водел неколку хорови во Скопје. Ја доживеал истата судбина како и најголемиот дел од Евреите во Македонија – во март  1943 година бил однесен во концентрациониот логор Треблинка.
Хорот Моис Хасон ја почнува својата активност во февруари 2004 година. Составен е од аматерски и професионални пејачи и од членови на заедницата. Хорот е високоетаблиран на различни гостувања и хорски натпревари во Белград, Ниш,Неготин, Сибиу(Романија), како и на хорскиот фестивал ТЕХО. Диригент од самиот почеток е маестро Томислав Шопов. Тој е долгогодишен диригент на Македонската опера и балет, диригирал над 1000 оперски и балетски претстави, концерти со филхармониски оркестри на бившите југословенски простори и во Европа. 
Како претставник на Еврејската заедница во Република Македонија, хорот првенствено негува изворни сефардски романси на архаичниот јудео-шпански (ладино) јазик. Со тоа се остварува долгогодишната желба за продолжување на старата хорска и музичка традиција на Евреите од овие простори.Покрај нив, хорот  во својот репертоар негува клезмер нумери, музика од македонски и странски автори, џез, поп,како и оперски и оперетски композиции.
Синоќешната програма за Хорот ” Моис Хасон”беше исполнета со: Ели,Ели – Д.Зехави, Јерусалем – Ч.Гоунод, Л’ дор  Ва’дор – М.Финкелстеин, Ламидбар – Х.Аргов, Ен ла мар – К.Берич (запис), Адио Керида & Ен френте де ми те тенго – М.Романо (запис), Традиционални сефардски романси: Ај моментос, Јо ла керија, Мундо син валор, Бајла,Бајла, Ја излези стара мајко – Т.Прокопиев, Што ми е мило ем драго – А.Наунов (хорски арр.), Рум,дум,дум – Д.Шуплевски, Ајде слушај слушај &Момче мало ѓаволо – С.Гајдов, Џез скица – Д.Христовски, Симона ми димона – Џ.Јакобсон (арр.)